Фото: Bank of England

Беше претставен изгледот на банкнотите со ликот на британскиот крал Чарлс. Банката на Англија соопшти дека употребата на новите банкноти ќе започне во средината на 2024 година.

Банката на Англија воведе банкноти со ликот на британскиот крал Чарлс. Сликата на британскиот монарх ќе се појавува на банкнотите од пет, десет, 20 и 50 фунти, а освен ликот на кралот Чарлс, нема да има промени на постоечкиот дизајн, соопшти Банката на Англија.

Се додава дека ликот на кралот ќе се најде на аверсот на банкнотата, но и во мал проѕирен безбедносен печат.

– Многу сум горд што Банката го претставува дизајнот на нашите нови банкноти кои ќе го носат ликот на кралот Чарлс III. Ова е значаен момент, бидејќи кралот е само вториот монарх што се појавува на нашите банкноти – рече Ендрју Бејли, гувернер на Банката на Англија.

Банката на Англија посочи дека се очекува новите банкноти да бидат пуштени во оптек кон средината на 2024 година, а во употреба ќе бидат и сите банкноти со ликот на кралицата Елизабета, која почина во септември.

Кралицата Елизабета Втора беше првиот британски монарх што се појави на банкнотите на фунти, а банкнотите издадени во Шкотска и Северна Ирска не го прикажуваат монархот.

Монетите од 50 пени со ликот на кралот Чарлс веќе беа пуштени во оптек на почетокот на декември.