Од учебната 2026/2027 година
Бирото за развој на образованието, кое е дел од Министерството за образование и наука (МОН), неодамна го објави новиот список на книги што се одобрени да бидат лектири од второ до деветто одделение во нашето основно образование. Овие наслови на задолжителни и изборни лектирни книги ќе почнат да се обработуваат од учебната 2026/2027 година.
Меѓу другите, бирото го избра за лектира во деветто одделение и романот „Детството на Конески“ од писателот Мишо Китаноски. Првите десет раскази од овој роман за деца и млади беа ексклузивно објавени во ноември и декември 2021 година и во првите две недели од јануари 2022 година, на страниците на прилогот „Колибри“, кој излегува секој вторник во првиот дневен весник на македонски јазик „Нова Македонија“. Поради интересот и успехот што го постигнаа тогаш овие раскази меѓу учениците читатели на „Колибри“, авторот Мишо Китаноски напиша уште десетина други посветени на детството на нашиот великан Блаже Конески. Големиот лингвист и македонист, поет и раскажувач е кодификатор и составувач на македонската азбука и правопис, но е и автор на научната „Граматика на македонскиот литературен јазик“, како и на „Историјата на македонскиот јазик“. Романот составен од 23 раскази излезе од печат во 2024 година.
За романот на Китаноски високи оцени во своите рецензии во весниците и списанијата дадоа истакнати научници на литературата како: проф. д-р Вера Стојчевска Антиќ, проф. д-р Васил Тоциновски, познатиот македонски писател за деца и долгогодишен уредник на прилогот „Колибри“, Перо Миленковски, и професорката по македонски јазик и писателка Иванка Стојковска.
Во „Детството на Конески“ се опишани детските години на Блаже Конески што ги поминал во родното село Небрегово, каде што се родил на 19 декември 1921 година. Потоа школувањето во основното училиште во Прилеп и гимназиските години поминати во гимназијата во Крагуевац, Србија, каде што и матурирал во учебната 1939/40 година. Блаже Конески почнал да пишува песни уште во Прилеп, но дури како гимназијалец, по примерот на збирката песни „Бели мугри“ на Кочо Рацин, ги напишал своите први песни на мајчиниот македонски јазик. Тоа се „Писмо до една мајка“ и „Спомен“, со кои настапил како член на гимназиската литературана дружина на литературните читања во градовите Крагуевац и Јагодина, а објавил песни и во училишниот весник „Подмладок“.
Со овој роман посветен на Конески и на неговото растење и школување, чиј автор е писателот Мишо Китаноски, пополнета е голема празнина во нашата литература за деца. Тоа е отсуството на интерес за изучување на животниот пат на нашите великани, кои со своите дела го задолжиле македонскиот народ. Оттука, изборот на романот „Детството на Конески“ за лектира во деветто одделение се случува во вистинско време, зашто говори за вистината за нашето постоење.
М.Т.
Деца на сонцето
Пролетта 1939 година, Блаже бил матурант, односно ученик во четврти клас во гимназијата во Крагуевац, Србија. Тој го познавал градот, но уште повеќе и уште подобро го познавале учениците во гимназијата и сите Македонци со кои другарувал и живеел во интернатот. Кога во војнички строј тие ќе излезеле од интернатот и ќе се упателе по улицата кон гимназијата облечени во иста облека и со капи на главите, луѓето кога ќе ги виделе велеле: „Еве ги Македончињата“ или „минуваат Македончињата“. Блаже во тоа време бил многу активен член на литературната дружина „Подмладок“, којшто многупати настапувал на литературни читања, не само во гимназијата туку и во другите училишта во градот. Но тоа е време и кога тој интензивно почнал да пишува поезија на својот мајчин македонски јазик…
Во исто време, во државата од ден на ден сѐ повеќе растело незадоволството меѓу луѓето, а посебно кај работниците и селаните, така што бројот на штрајкови сѐ повеќе се зголемувал, но и паролите што се извикувале „Бараме правда и слобода“, „Бараме леб“, „Стоп на фашизмот“ и др.
Во едно такво зовриено време, директорот на гимназијата побарал служителот веднаш да го доведе матурантот Лазар Мојсов (инаку од Неготино) во неговата канцеларија за да го казни. Кога за ова се расчуло меѓу учениците во гимназијата и меѓу членовите на литературната дружина, веднаш тие се организирале и се собрале пред канцеларијата на директорот. Служителот се обидувал, но не успевал да ги спречи учениците да не се собираат, но и да ги смири бурно да не реагираат, барајќи нивниот соученик Мојсов да биде ослободен од казната што му ја подготвувал директорот…
Повод за тоа бил неговиот објавен текст во последниот број на гимназискиот весник со наслов „За робовите во Спарта“.
Меѓу оние што биле најблиску до вратата на канцеларијата на директорот бил Блаже. Кога излегол директорот и прашал зошто се собрани, Блаже веднаш реагирал и рекол:
– Господине директоре, бараме да не го казнувате матурантот Мојсов, туку веднаш да го ослободите.
Друг ученик, од задните редови на насобраните ученици во ходникот, силно викнал:
– Ќе останеме тука сѐ додека не го ослободите нашиот другар…
А трет ученик, колку што го држел гласот уште посилно викнал:
– Тој е претседател на литературната дружина.
Директорот, видел не видел, се вратил во канцеларијата викајќи и заканувајќи му се на Лазар Мојсов дека ако уште еднаш напише таков текст, дури тогаш ќе биде навистина строго казнет и исклучен од полагање на матурскиот испит и од гимназијата…
Кога Лазар Мојсов, пак, излегол од директоровата канцеларија, силен аплауз се разлеал по гимназискиот ходник, а потоа следувале прегрнувања и честитки меѓу ослободениот Мојсов и членовите на литературната дружина и насобраните ученици. Победата била извојувана и нивна…
Но не се завршило само на тоа. Наскоро, градот Крагуевац почнале да го потресуваат голем број штрајкови, во кои главни носители биле работниците од тукашната фабрика за производство на оружје. Тие на штрајковите постојано скандирале: „Не сакаме војна, сакаме леб“… А времето сѐ повеќе станувало немирно додека Хитлер се подготвувал за војна…
Така, на прославата на 1 Мај таа година, организирано почнал голем штајк во градот. Штрајкувачите се судриле со полицијата, настанале и тепачки, зашто работниците не попуштале, туку напротив и напредувале, потиснувајќи ги џандарите што се обидувале што повеќе да ги тепаат.
Сето тоа го гледале учениците наредени на прозорците на интернатот, кога во еден момент слушнале силен глас во ходникот. Тоа бил гласот на еден од повеќето напредни и прогресивни професори во гимназијата, а сега дежурен воспитувач, кој викал:
– Ученици, што чекате, одете и придружете им се на работниците! Македончиња, вие сте деца на робови, вие сте деца на поробен и на непризнаен народ… Одете и придружете им се на работниците!
Кога ги слушнале овие зборови, македонските ученици што живееле во интернатот веднаш излегле во ходникот и се разлеал нивниот глас: „Одиме, одиме и ние да штрајкуваме…“
Во тие моменти на Блаже му надошле мисли што повеќепати ги слушал од неговиот другар Борка Талески, кој многу години пред ова му кажувал, односно му зборувал за славното Илинденско востание и за епските борби на македонскиот народ што се воделе во Крушево, но и за неговото горење. Воопшто за славното и многувековно минато на македонскиот народ!
Последниот глас, пак, на професорот воспитувач тој ден бил:
– Македончиња, ученици, ве чекаат работниците одете и со нив штрајкувајте за да падне овој ненароден режим… Барајте слобода…
Кога колоната ученици излегле од интернатот и се упатиле кон центарот на градот, заедно прегрнати во стројот оделе Блаже Конески и Добре Јовановски од Прилеп (кој загинал во НОБ), Лазар Мојсов од Неготино и Ристо Џунов од Ваташа, Глигор Гечевски-Ивче и Диме Боев од Кавадарци, Јанко Тодоровски од селото Серменин – Гевгелиско, Борис Дуцкин од Вевчани… и сите други македонски ученици згрижени во интернатот… Било тоа нивното прво вистинско и големо крштевање во борбата за слобода… А кога заедно со штрајкувачите се судриле со полицијата, сѐ уште до нив допирал далечниот глас на напредниот и прогресивен гимназиски професор, дежурен воспитувач, кој повторувал:
– Вие сте деца на робови… вие сте деца на поробен народ, вие сте деца на непризнаен народ… Вие сте деца на сонцето и на слободата… Да победите…
(од книгата „Детството на
Конески“ на Мишо Китаноски)

































