Фото: Пиксабеј

Кол Томас Ален, обвинет дека вооружен упаднал во хотел каде што се одржувала вечера организирана од Белата куќа, се изјаснил за невин по обвиненијата дека се обидел да го убие американскиот претседател Доналд Трамп.

Според американските медиуми, Ален се појавил пред судот со лисици на рацете и облечен во портокалова затворска униформа за време на рочиштето за изнесување на обвинението.

Обвинетиот не зборувал за време на судската постапка, а еден од неговите адвокати во негово име го дал исказот дека не се чувствува виновен.

Одбраната побарала судијата да дисквалификува најмалку двајца високи функционери на Министерство за правда на САД од директно учество во процесот, наведувајќи дека тие би можеле да се сметаат за потенцијални жртви или сведоци, што, според адвокатите, претставува можен конфликт на интереси.

Инцидентот се случил на 25 април во хотелот Хилтон во Вашингтон, кога вооружен напаѓач упаднал во објектот. Во нападот бил погоден припадник на Тајна служба на САД, но не бил повреден благодарение на панцирот што го носел.