Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, во рамки на работната посета на Брисел, учествувал на Состанокот на високо ниво на Меѓународна коалиција за враќање на украинските деца, што се одржал на маргините на Советот за надворешни работи на Европска Унија.
Во своето обраќање, Муцунски ја реафирмирал поддршката на Македонија за Украина, нејзиниот суверенитет и територијален интегритет, оценувајќи дека земјата повеќе од три години се соочува со, како што навел, „неиспровоцирана и неоправдана агресија“ од страна на Руска Федерација.
Според соопштението на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, министерот истакнал дека војната, покрај геополитичките последици, предизвикала огромно човечко страдање, а судбината на украинските деца ја посочил како најболен симбол на конфликтот.
– Повикваме на итно враќање на сите украински деца кои биле присилно однесени. Нивната депортација претставува сериозно прекршување на меѓународното право и директна повреда на нивните човекови права, достоинство и безбедност – истакна Муцунски.
Тој нагласил и дека, со влегувањето на војната во четвртата година, станува јасно дека не може да постои одржлив мир без одговорност.
Осврнувајќи се на идната обнова на Украина, Муцунски оценил дека обновата не подразбира само реконструкција на инфраструктурата, туку и обновување на животите, довербата и надежта кај луѓето.
– Историјата нема да нè суди само според изјавите што ги даваме, туку и според човечноста што ја покажуваме. Нашата должност денес е да помогнеме децата на Украина повторно да се чувствуваат безбедно, повторно да веруваат и да ја градат својата иднина во слободна, мирна и суверена Украина – порача министерот Муцунски.
































