Со поетското читање „Диверсити“ заврши годинашниот „Скопски поетски фестивал“ (СПФ). Настанот се одржа во културниот центар „Буква“, а настапија: Кристина Шпиранец (Хрватска), Гонџа Озмен (Турција), Хајри Хамадан (Палестина), Јоргос Писанис (Грција), Хелена Земљич (Словенија), Дијана Петкова, Светла Јакшиќ, Емељ Туна, Стефан Костовски, Ана Пејчинова, Дејан Трајкоски, Александра Јуруковска, Тони Попов, Андреј Медиќ Лазаревски, Марија Ангеловска и Ана Тодоровска (Македонија).
Претходно, на истата локација се одржа промоцијата на „Ништо ново под сукњата на современоста“, избор песни од Барбара Делаќ (Црна Гора) и Марија Вујошевиќ (Црна Гора), во препев од црногорски на Марија Велинова и Андреј Медиќ Лазаревски, издание на „Култура Бета“ од Скопје; а беше промовирана и стихозбирката „Тускулум“ од Денис Шкофич (Словенија), во препев од словенечки на Драгана Евтимова, издание на „ПНВ Публикации“.
На фестивалот досега се претставија шеесетина поети од девет земји.
Шестото издание на СПФ го овозможија Министерството за култура и туризам, „Традуки“ и Град Скопје.
































