Кој ја наруши американската демократија?

Демократијата се базира на еднаквост, а сите граѓани треба да имаат еднаква шанса да влијаат врз политичките одлуки. Но премногу долго во САД, политичкиот систем и електоратот им угодуваа на елитите и богатите на штета на оние без факултетска диплома

Актуелниот главен наратив во САД тврди дека демократијата е под закана од фанатиците на политиката „Америка повторно да биде голема“, негирачите на изборите и републиканците, кои се закануваат дека ќе ги игнорираат неповолните резултати (како и регрутирање лојалисти за да ги надгледуваат изборите и избирачките места). Тој наратив е точен, но само до одреден степен. Меѓутоа има уште една, подолготрајна приказна во која, повеќе од 50 години, Американците без факултетски дипломи гледаат како нивните животи се влошуваат поради низа материјални, здравствени и социјални исходи.
Иако две третини од возрасната популација на САД немаат факултетска диплома, политичкиот систем ретко одговара на нивните потреби и често донесува политики што им штетат и се во корист на корпоративните интереси и подобро образованите Американци. Она што им е „украдено“ не се избори, туку право на учество во политичките одлуки, кое наводно е гарантирано од демократијата. Гледано низ оваа призма, нивните напори да ја преземат контролата врз гласачкиот систем не значат отфрлање на фер изборите колку што се обид за притисок врз изборите да испорачаат дел од она што го сакаат.
Постојат неколку причини што ја мотивираат оваа општествена група да реагира. Дури и пред пандемијата, очекуваниот животен век се намалуваше кај помалку образованите мажи од 2010 година, а кај помалку образованите жени од 1990 година или порано. Помладите групи на помалку образовани Американци пријавуваат повеќе здравствени проблеми на сите возрасти отколку постарите групи. Покрај тоа, учеството во работната сила со децении опаѓа за помалку образованите мажи, а од 2000 година за помалку образованите жени. Реалните (приспособени според инфлацијата) просечни плати за мажи без факултетска диплома се намалуваат од 1970 година. Помалку образованите Американци доживеаја пад на стапките на бракови и пораст на вонбрачните деца. Посетеноста на црквата се намалува, а многу помалку образовани мажи се оддалечуваат од која било институција за поддршка.
Според една неодамнешна анкета на „Њујорк тајмс/Сиена“, две третини од гласачите веруваат дека Владата „главно работи за да им користи на моќните елити“. Ова гледиште не е ограничено само на негирачите на изборите, ниту на републиканците, ниту на помалку образованите, но токму оваа последна група страда од политиките што ги дозволува политичкото занемарување. Федералната минимална плата, на пример, не е зголемена од 2009 година.

Слично на тоа, американските политичари го претставија Северноамериканскиот договор за слободна трговија и пристапот на Кина во Светската трговска организација како победнички политики што ќе им помогнат на Американците, како и на Мексиканците и на Кинезите. Но спротивно на она што го ветија економистите и на она што можеше да се случи во минатото, последователните загуби на работни места не доведоа до тоа луѓето да ги надградат своите работни места и да се преселат во просперитетни места. Една делумна причина беше затоа што тие места повеќе не беа достапни, а втората делумна причина затоа што новите подобри работни места бараа четиригодишна диплома.
Сепак, има исклучоци. Законот за пристапна нега (Обамакер) обезбеди здравствено осигурување за десетици милиони граѓани, кои претходно не беа осигурени. Но усвојувањето на законот значеше откупување на индустријата за здравствена заштита и на тој начин губење на секоја шанса за контрола на трошоците. За повеќето вработени Американци, здравственото осигурување се плаќа со рамен данок на платите, што ја намалува платата за најмалку квалификуваните и ги охрабрува фирмите да бараат евтина работна сила во странство и да ги елиминираат работните места. Со оглед на финансирањето на здравственото осигурување преку пазарот на трудот, зголемените трошоци за здравствена заштита создаваат дополнителен притисок врз платите и добрите работни места за помалку квалификуваните.
Многу е тешко (иако не и невозможно) да се биде избран во Конгресот без финансиска поддршка од длабоките џебови. Иако американскиот систем за финансирање на кампањите ретко води кон директна корупција, тој силно избира законодавци што имаат поволен поглед на деловната сфера и на капиталот, а не на трудот. Друг проблем е што фирмите ги зголемуваат своите маржи над трошоците, со што го прераспределуваат приходот од трудот на капиталот.

Уште полошо, овој тренд беше поттикнат од долгорочното слабеење на антимонополското спроведување, иако нема популарна поддршка за послабо спроведување, ниту пак законодавците зазедоа позиции во корист на тоа. Делото беше направено од регулатори и судии што беа избрани поради нивната очекувана подложност на притисок од пробизнис-групите.
Не сите помалку образовани Американци, кои се изложени на поголем ризик од рана смрт, гласаа за Доналд Трамп на изборите во 2016 и 2020 година, но многу од нив го направија тоа. Преклопувањето може да се види со табелирање на „смртните случаи од очај“ (од самоубиство, предозирање со дрога и алкохолно заболување на црниот дроб) низ окрузите и нивно усогласување со уделот на Трамп од гласовите. Но постои уште поцврста врска меѓу смртноста и негирачите на изборните резултати. „Њујорк тајмс“ ја разгледа смртноста во конгресните области и откри дека смртните случаи од очај биле повисоки во конгресните области на републиканските претставници што гласаа против да се потврди изборот на Џо Бајден отколку во областите на републиканските претставници што гласаа за потврдување.
Демократијата се заснована на еднаквост, а сите граѓани треба да имаат еднакви шанси да влијаат врз политичките одлуки. Поддржувачите на политиките за „Америка повторно да биде голема“ можеби му се закануваат на системот како никогаш досега, но не излегоа од вакуум.

Автор: Ангус Дитон е добитник на Нобелова награда по економија во 2015 година, а исто така е истакнат професор по економија и меѓународни односи