На Првата интернационална ЛЕГО-лига што се одржа од 8 до 11 мај во Коринт, Грција
- Освоената награда во Грција ги потврди нашиот тимски дух и посветеност. Стресот, предизвиците и успесите ги зголемија нашата самодоверба и способност за решавање проблеми. Научивме дека секоја грешка е шанса за подобрување, а секоја успешна мисија е награда за упорноста. Овој успех е поттик за уште поголеми достигнувања, велат наградените ученици
Tимот „Осетра“, составен од 14 ученици од ООУ „Дане Крапчев“ од Скопје, воден од наставничките Марина Пејковска, Лиле Сарваноска, Билјана Стојановска и Данче Костовска-Јакимовска, е добитник на втората награда на Првата интернационална ЛЕГО-лига, која од 8 до 11 мај се одржа во Коринт, Грција.
Учесници од 50 држави
По освоената прва награда на ниво на Македонија, овие млади, талентирани и вредни ученици се стекнале со правото да ја претставуваат нашата татковина на интернационалниот натпревар во Грција, на кој учествуваа 56 тима од повеќе од 50 држави од светот, како САД, Мексико, Бразил, Австралија, Нов Зеланд, Кина, Јапонија, Турција и многу држави од Европа како Холандија, Франција, Шпанија, Данска, Норвешка, Шведска итн. Од балканските држави учествуваа тимови од: Бугарија, Романија, Хрватска и од Словенија. Сето тоа само по себе зборува за силната конкуренција со која нашиот тим застана рамо до рамо и избори пласман меѓу најдобрите.
– Категоријата во која го освоивме високото второ место – Роботска игра – е единствената категорија во која резултатите веднаш им се достапни на сите, како на членовите од тимот така и на посетителите. Додека траеше играта (две и пол минути) беше видлива „послушноста“ на роботчето, кое точно и прецизно ги извршуваше мисиите. Како што се знаеше секој освоен поен, така растеше еуфоријата кај сите присутни. Нашиот тим освои неверојатни 525 бода, надминувајќи го сопствениот рекордот од Скопје. Првопласиран беше тимот на Романија со 535 бода, зад нас беше тимот на Казахстан како третопласиран – велат претставниците на „Осетра“.
Роботската игра ја реализирале во неколку фази.
– Според упатствата, ја поставивме подлогата на рамна површина. Секој модел беше поставен на точно определено место за роботот правилно да ги извршува задачите. Потоа ги разгледавме правилата на играта, начинот на бодување, ограничувањата за движење и време и условите за успешно извршување на мисиите. Додека работевме, учевме техники за градење, стабилизација на роботот и блок-програмирање – велат учениците.
Натпреварот се состои од четири дела: роботска игра – роботот извршува мисии на специјална маса, дизајн на роботот – тимот објаснува како го изградил и програмирал роботот, иновативен проект – учениците истражуваат проблем и предлагаат решение, основни вредности – се оценуваат тимската работа, почит, креативност и соработка.
Археологијата – врска помеѓу м инатотои иднината
Македонскиот тим учествуваше во секоја од наведените категории. Годинашната тема беше „Археологијата – врска помеѓу минатото и иднината“. На оваа тема, нашите ученици истражуваа со какви предизвици се соочуваат археолозите при нивната работа и требаше да понудат решение за тој проблем. По низа средби, анализи, посета на Археолошкиот музеј, Археолошкиот факултет и на археолошкиот локалитет Тумба Маџари беше избран иновативниот проект – „Археовакуум“.
– Станува збор за „земјосмукалка“, која на почетокот има нежна четка со цел да не ги оштетува артефактите при нивното ископување. Потоа продолжува преку црево до провиден цилиндричен резервоар, каде што се врши издвојување на собраната земја од артефактите користејќи сита со различна пропустливост. Во резервоарот има магнет за селекција на метал. Ваквата селекција овозможува заштеда на време и енергија, а притоа условите за работа на археолозите значително се подобрени – ни објасни наставничката Марина Пејковска, една од менторките на наградениот тим.
Роботот беше изработен со „Лего едукејшн спајк прајм сет“ и е составен од четири мотори, кои се користат и за движење и за извршување задачи. При дизајнирањето се внимаваше роботот да биде стабилен и цврст, доволно брз за движење низ теренот, прецизен при извршување мисии, лесен за додавање различни атачменти.
Успехот – поттик за поголеми достигнувања
Роботот беше програмиран да следи однапред зададени патеки, да извршува повеќе мисии по ред и да користи различни механизми зависно од задачата.
– Чувството кога нашиот робот успешно ги извршуваше мисии и го комплетиравме секој предизвик беше непроценливо. Секоја секунда на теренот беше полна со адреналин и возбуда. Второто место беше доказ дека нашата работа, часовите вложени во дизајн, кодирање и тестирање, навистина се исплатеа. Ова ги потврди нашиот тимски дух и посветеност. Стресот, предизвиците и успесите ги зголемија нашата самодоверба и способност за решавање проблеми. Научивме дека секоја грешка е шанса за подобрување, а секоја успешна мисија е награда за упорноста. Овој успех е поттик за уште поголеми достигнувања – велат наградените ученици.
Проектот „СТЕМ едукација со ЛЕГО за напредна популација“ е иницијатива насочена кон ученици на возраст од 10 до 16 години, овозможувајќи им учество на националниот натпревар по едукативна роботика. Проектот, поддржан од Општина Гази Баба и реализиран во ООУ „Дане Крапчев“, има цел развој на инженерски и програмерски вештини преку практична работа со ЛЕГО-роботи.

































