Нова претстава на театарската дружина „Шекспир“ од Кавадарци
Разиграни, насмеани и полни со живот во прекрасни костими од некоја друга младост, единаесетмина средношколци, дел од театарската дружина „Шекспир“, при домот на културата „Иван Мазов-Климе“ во Кавадарци, под режисерската палка на Микица Илова, деновиве ја изведоа театарската претстава „Луди млади години“.
Претставата „Луди млади години“ е реализирана по иницијатива на младите актери што играат во неа: Цветанка Ристовска, Димитар Пончев, Елена Илова, Иле Димитров, Ивана Секуловска, Јован Илов, Кирил Мукаетов, Марија Шалевска, Мартина Илиевска, Васил Трајков и Дијана Мишева. Во улогата на професорот го гледавме актерот Сашко Орешков. Прекрасните костими и овој пат беа на Сара Милевска.
Микица Илова, како авторка на драмскиот текст, успеа да смести група средношколци, непосредно пред матурата, во време на една друга младост без мобилни телефони, раскажувајќи една романтична љубовна приказна. Таа се раѓа на брегот на Охридско Езеро меѓу Марија и Јован, а уште повпечатлива е со избор на музика од тоа време.
Младите актери што играат во претставата „Луди млади години“ ги доловуваат секојдневни ситуации на главните ликови, нивните предизвици, соништа, пријателства, потрага по вистинска љубов и по сопствениот идентитет.
– Љубовната приказна во оваа претстава не е само романтична нишка туку простор каде што се судираат идеалите и реалноста. Таа ги открива ранливоста на младите и нивната потреба да бидат прифатени. На моменти ликовите од претставата го рушат четвртиот ѕид, барајќи одговори или разбирање – затоа што ова не е само нивна приказна туку и наша. Претставата не нуди готови одговори, туку поставува прашања дали навистина ја разбираме младоста? „Луди млади години“ е претстава за растењето, но и повик за разбирање на младите, кои ја живеат својата младост во една поинаква променета сегашност. За младите да се прифатат себеси, за возрасните да не заборават – вели авторката на текстот и режисерка Микица Илова. Ми.М.
































