РАКОМЕТ – НАСТАПИ ПО РЕД НА СВЕТСКИТЕ И НА ЕВРОПСКИТЕ ПРВЕНСТВА
- Македонија од 2012 година, заклучно со обезбедениот пласман на Мундијалот в година, ќе има 16 учества по ред на големи турнири (СП и ЕП), и тоа по осум на планетарните и на континенталните шампионати. Само пет европски репрезентации имаат подолга серија од Македонија
Македонската репрезентација ја почна својата серија настапи на големите ракометни натпреварувања, европските и светските шампионати, на Европското првенство (ЕП) во 2012 година и од тогаш со обезбедениот настап на Светското првенство (СП) во Германија в година нанижа учества на 16 големи турнири по ред, по осум на планетарните и на континенталните шампионати. Само пет европски репрезентации имаат подолга низа од таа на Македонија, и тоа Франција, Шпанија, Хрватска, Данска и Исланд.
Светските првенства се играат од 1938 година, а европските од 1994 година, од кога секоја година има по едно големо натпреварување. Најдолга низа, заклучно со годинашното ЕП, играјќи на двата шампионата наизменично секоја година, имаат репрезентациите на Франција и на Шпанија, вкупно по 35. И двете селекции ги почнаа своите серии на СП 1993. Трета на оваа необична листа е селекцијата на Хрватска, која постојано игра од своето меѓународно деби, на ЕП во 1994 година, вкупно 34. Актуелниот европски, светски и олимписки првак Данска настапи на 25 големи натпреварувања по ред, почнувајќи од ЕП 2002 и обезбеди 26. настап во низа со пласманот на СП 2027. Петта на оваа листа е репрезентацијата на Исланд, која постојано игра од ЕП во 2010 година, вкупно на 18 турнири едноподруго заедно со планетарниот шампионат в година. Во периодот на своите низи, сите шест репрезентации ги остварија своите најдобри пласмани на СП или на ЕП. Така, Франција ги освои сите свои медали, вклучувајќи ги и 10-те златни (шест на светските и четири на европските првенства, згора освои и три злата на летните олимписки игри), Шпанија, исто така, ги освои сите свои медали, меѓу кои четирите титули (по две на СП и на ЕП), како и Хрватска, која еднаш беше светски првак (во 2003 година, а беше и четири пати светски вицешампион, трипати второпласирана на европски првенства…, но и двапати олимписки првак), Данска ги освои сите свои седум златни медали (четири светски и три европски, но и две олимписки злата), Исланд еднаш беше трет на ЕП (во 2010 г.), а Македонија петта на ЕП (2012 г.) и деветта на СП (2015 г.).
Од овие шест репрезентации, три ја продолжија низата со директните пласмани на СП 2027 (Данска како актуелен светски првак, Хрватска и Исланд поради високиот пласман на ЕП 2026), а минатата недела пласман преку квалификациите обезбедија Македонија, Франција и Шпанија. Данска и Шпанија, пак, обезбедија продолжување на низата и со директен пласман на ЕП 2028, и тоа Данска како актуелен европски првак, а Шпанија како еден од кодомаќините на тој европски шампионат. Н.М.
УЧЕСТВА ПО РЕД НА СП И НА ЕП НА ЕВРОПСКИ СЕЛЕКЦИИ
РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА НИЗА ПОЧЕТОК
Франција 35 од СП 1993
Шпанија 35 од СП 1993
Хрватска 34 од ЕП 1994
Данска 26 од ЕП 2002
Исланд 18 од ЕП 2010
Македонија 16 од ЕП 2012
заклучно со СП 2027
































