фото: Tи реков ми рече

Во спомен на поетесата Македонка Јанчевска (24.5.1940- 4.5.2026)

 

  • „Водилка при моето творење секогаш беа децата, нив најмногу ги сакам. Цел уметнички пат им го посветив ним, на моите ученици. Љубовта кон децата нема граници, не може со ништо да се споредува, таа е безгранична“, велеше Македонка Јанчевска, писателка што остави длабоки траги во македонската литература за деца, но и во едукацијата на голем број генерации. Чест ни е што некои од нејзините први песни се објавени токму на страниците на „Колибри“, каде што често беше застапена сѐ до крајот на животот. Се надеваме дека и идните генерации ќе растат со делата од плодното литературно творештвото на Јанчевска

Жити најмилото

Еј, ти, пролет убава!
Кажи ми жити најмилото:
Koj ли ти ги шие
на ливадите фустаните,
кој наутро им ги реди
на тревите ѓерданите?
Еј, ти пролет убава,
од каде го точиш,
на небото синилото,
та кој му ги дава
боите на божилото?
Кажи ми жити најмилото!


Сонот на душата

Штом доаѓа
ноќта мила
ми дарува
чудна сила.

Час сум славеј,
сребро леам,
час ѕвездичка
љубов сеам.

Час сум срна
в гора скитам,
час принцеза
в сказни итам.

Во срцето
сѐ што кријам
оживува
кога спијам.

(од стихозбирката „Сонот на душата“, Македонска реч, 2010)