Фото: EПA

Американскиот претседател Доналд Трамп ги повика Израел и Иран веднаш да ги запрат меѓусебните напади, откако двете земји повторно разменија удари во текот на изминатата ноќ и утринските часови.

-Израел и Иран мора веднаш да престанат да пукаат – напиша Трамп на својата социјална мрежа „Трут Соушал“.

Повикот доаѓа по новата ескалација на тензиите, откако Иран изврши напад врз Израел, а израелските сили возвратија со напади врз ирански цели.

Во интервју за „Фајненшел тајмс“, Трамп изјави дека токму тој ја има главната улога во насочувањето на случувањата поврзани со конфликтот на Блискиот Исток, а не израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

-Јас ги диктирам сите работи. Тој не ги диктира работите – изјави Трамп, осврнувајќи се на Нетанјаху.

Според информациите на „Фокс њуз“, американскиот претседател го повикал Нетанјаху да се воздржи од дополнителни воени дејствија и истовремено апелирал до Иран да се врати на преговарачката маса и да постигне договор.

Трамп изрази уверување дека, и покрај најновите напади, договор меѓу САД и Иран е достижен и дека актуелната ескалација нема да го попречи процесот.

Тој додаде дека и израелскиот премиер на крајот ќе мора да го прифати евентуалниот договор што би бил постигнат меѓу Вашингтон и Техеран.