Фото: ЕПА

Иран денеска соопшти дека ги прекинува нападите врз Израел, оценувајќи дека веќе дал „болен одговор“ на израелските напади врз Либан, јави ДПА.

Одлуката беше објавена преку иранската војска на националното радио, по ноќ исполнета со меѓусебни напади меѓу Иран и Израел, што претставува најсериозна ескалација од стапувањето во сила на прекинот на огнот во април.

Техеран синоќа лансираше ракети кон Израел како одговор на израелските напади врз либанската престолнина Бејрут. Израел возврати со напади врз цели на иранска територија, додека иранските сили продолжија со нападите врз Израел во текот на ноќта и утринските часови.

Ескалацијата претставува сериозен предизвик за напорите на американскиот претседател Доналд Трамп за запирање на конфликтот. Трамп денеска ги повика двете страни да ги прекинат нападите, а според извештаите, претходно побарал од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да се воздржи од понатамошни одмазднички акции.

Неколку часа подоцна, иранското воено раководство соопшти дека операциите на вооружените сили се суспендираат.

-Исламската Република му даде болен одговор на Израел во поддршка на Либан – се наведува во соопштението, во кое се додава дека вооружените сили ги запираат своите операции.