Фото: Влада

Владата работи на изработка на потрошувачко портфолио во соработка со „ЕВН Хоум“ и ЕСМ, со цел да се обезбеди пониска цена на електричната енергија за граѓаните, најави премиерот Христијан Мицкоски од Виница, пренесе МИА.

Според него, оваа или следната недела ќе се одржи заеднички работен состанок на институциите, по што ќе започнат подготовките за оглас што треба да овозможи намалување на цената на струјата од пет до десет проценти во текот на следната година.

-Подготвуваме механизми со кои граѓаните би можеле да добијат пониска цена на електричната енергија, нешто што досега не се случило. Целта е преку поголемо искористување на обновливите извори на енергија да се обезбеди просечна цена што ќе биде пониска од сегашната – изјави Мицкоски.

Тој нагласи дека Владата има амбиција до крајот на годинава државата за првпат да стане нето-извозник на електрична енергија. Воедно посочи дека државната компанија ЕСМ бележи финансиска консолидација и дека по наследената загуба од околу 150 милиони евра, се очекува првата половина од годинава да заврши со добивка од шест до седум милиони евра.

Осврнувајќи се на проектите за обновливи извори на енергија, премиерот истакна дека голем дел од нив се реализирани, но најави законски измени со кои ќе се спречи изградба на вакви капацитети на најквалитетно земјоделско земјиште.

Мицкоски информираше и дека е започната реализацијата на ветерниот парк што ќе се гради на подрачјето на Штип, Карбинци и Радовиш, инвестиција вредна речиси половина милијарда долари. Во подготовка е и сличен проект во североисточниот дел на државата со приближно иста вредност.

Дополнително, тој посочи дека хидроакумулациите во државата моментално се исполнети околу 80 проценти, за разлика од минатата година кога нивото било значително пониско. Според него, системот за наводнување функционира без ограничувања, што создава услови за успешна земјоделска сезона.