Kurti- izbori
Фото: ЕПА

Косовскиот премиер Албин Курти ги повика политичките партии на дијалог и соработка за надминување на политичкиот застој, откако неговото движење „Самоопределување“ победи на парламентарните избори, но не обезбеди доволно пратеници за самостојно формирање влада.

Според официјалните резултати по пребројани 99,4 проценти од гласачките ливчиња, „Самоопределување“ освои 43 проценти од гласовите. На второ место се најде Демократската партија на Косово со 21 процент, додека Демократскиот сојуз на Косово освои 18 проценти, пренесе МИА.

Изборите беа распишани поради продолжената институционална блокада, откако фрагментираниот парламент не успеа да избере претседател на Собранието, а потоа ниту шеф на државата.

Иако остануваат за пребројување околу 100.000 гласови од дијаспората, според досегашните проекции, „Самоопределување“ нема да обезбеди апсолутно мнозинство потребно за самостојно владеење.

Обраќајќи им се на поддржувачите во Приштина по објавувањето на резултатите, Курти најави дека во наредниот период ќе започне разговори со сите политички субјекти.

 – Во наредните недели ќе комуницираме, ќе се среќаваме и ќе соработуваме со сите политички субјекти – изјави Курти.

Неговите приврзаници ја прославуваа изборната победа до раните утрински часови, иако се очекува партијата да освои помал процент од гласовите во споредба со претходните избори.

Излезноста на гласањето изнесуваше помалку од 37 проценти, што претставува значителен пад во однос на 45 проценти регистрирани на изборите во декември.

Курти е на власт од 2021 година и се залага за европска интеграција на Косово, но останува цврст во ставот дека не треба да се прават дополнителни отстапки кон Србија. Односите меѓу Приштина и Белград и понатаму се оптоварени со нерешени политички прашања речиси две децении по прогласувањето на независноста на Косово.

Политичкиот аналитичар Артан Мухаџири оцени дека политичката криза веројатно ќе продолжи и по изборите.

 – Една можност е Курти да владее со многу тесно мнозинство, што би создало тешкотии за спроведување на крупни проекти. Другата е да направи значајни политички компромиси за обезбедување поширока поддршка – изјави Мухаџири.