Марија Димитрова, претседателка на Друштвото на филмските работници на Македонија
Со изборот на продуцентката Марија Димитрова за нова претседателка на Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ), за првпат во историјата на организацијата на нејзино чело застанува жена. Како продуцентка, таа стои зад низа успешни кратки и долгометражни филмови што се прикажувани и наградувани на престижни фестивали („Сестри“, „Домаќинство за почетници“, „Ера“).
Што значи за Вас изборот за претседателка на Друштвото на филмските работници на Македонија?
– Изборот на претседател го прави Собранието на ДФРМ, кое во моментов има повеќе од 100 члена и е составено од филмски професионалци од сите сектори во филмската дејност – од режисери и продуценти, до членови на техничките екипи. Оттука, довербата што ја добив од колегите претставува голема чест. Во текот на овие 76 години, ДФРМ успеа да изгради кредибилна и влијателна организација што е двигател на сите значајни случувања во филмската дејност и активно учествува во креирањето на културните политики и во афирмацијата на македонската кинематографија. За мене оваа функција претставува можност да се продолжи таа традиција, но и да се отвори нов простор за поголема соработка, инклузивност и подобри услови за работа на филмските работници. Верувам дека ДФРМ треба да биде силен глас на професионалците, но и платформа што ќе ги поврзува различните генерации и профили во индустријата.
Кои ќе бидат Вашите приоритети и на кои промени најмногу планирате да се фокусирате?
– Мој приоритет ќе биде модернизација на организациската структура затоа што филмската индустрија денес е многу поразлична отколку пред неколку децении. Особено важен сегмент е поддршката на младите филмски професионалци. ДФРМ треба активно да придонесува во нивниот развој, едукација и меѓународно поврзување, затоа што токму тие се иднината на македонскиот филм. Истовремено, ќе продолжиме да ја негуваме и почитта кон доајените на македонската кинематографија и нивното активно вклучување во работата на друштвото, бидејќи размената на искуства и знаења меѓу генерациите е суштинска за една здрава филмска култура и силна домашна кинематографија. Секако, еден од клучните приоритети ќе биде и зајакнувањето на позицијата на филмските работници и создавањето поодржлива и попрофесионална филмска средина: подобри услови за работа, поголема институционална поддршка и поактивно вклучување на ДФРМ во процесите на носење одлуки.
Кои се најсилните предизвици со кои се соочуваат филмските работници?
– Најголемите предизвици за нас се непостојаноста, несигурноста, нестабилниот континуитет на продукција и нецелосно регулираниот професионален статус на многу филмски работници. Иако македонскиот филм бележи меѓународни успеси, често не постојат механизми за заштита и унапредување на правата на филмските професионалци. Мојата цел е ДФРМ да биде активен партнер во отворањето на овие прашања пред институциите и во креирањето конкретни решенија. Тоа подразбира континуиран дијалог со институции како Владата, Министерството за култура и туризам и Агенцијата за филм, подобрување на професионалните стандарди, поддршка за едукација и развој, како и уште поголемо меѓународно вмрежување, кое ќе отвори нови можности за домашните професионалци.
ДФРМ веќе има значајна улога во промоцијата на македонската кинематографија, дали имате идеи и визија како да ја надградите таа мисија?
– Таа улога не е секогаш доволно видлива во јавноста. Улогата на друштвото е многу подлабока и, би рекла, повеќе „заднинска“. Примарната улога на ДФРМ е да ја унапредува дејноста и да ги помага и заштитува филмаџиите и нивните проекти. Во моменти кога реагираме јавно, тоа најчесто значи дека постојат процеси или одлуки што можат да му наштетат на филмскиот сектор или да го загрозат континуитетот на продукцијата. И токму тоа е улогата на едно вакво професионално здружение – да реагира кога е потребно, но и континуирано да работи на подобрување на условите во кои се создаваат филмовите. Верувам дека ДФРМ ќе ја задржи и дополнително ќе ја зајакне таа улога, затоа што само преку стабилна филмска индустрија можеме да создадеме дела што ќе продолжат достојно да ја претставуваат македонската кинематографија во светот.
Колку се важни меѓународната соработка и членството во европски и интернационални мрежи?
– Меѓународната соработка е суштинска, особено за мала кинематографија како македонската. Денес филмот функционира преку вмрежувања, копродукции и размена на знаење. ДФРМ е дел од Европската асоцијација на филмски режисери, Европската асоцијација на филмски продуценти, Светската асоцијација на кинематографери, а од страна на Американската академија за подвижни слики, уметност и наука ѝ е доверена лиценцата за избор на националниот претставник за наградата „оскар“ за најдобар интернационален филм. Токму преку ваквите мрежи и асоцијации, македонските професионалци добиваат поголема видливост, размена на искуства и можност да бидат дел од меѓународни проекти. Верувам дека треба уште повеќе да ги охрабруваме младите автори и продуценти да бидат дел од вакви програми. Културната разноликост и размената на таленти е суштината на современиот европски филм и култура.
Како гледате на потенцијалот на македонската кинематографија и што, според Вас, е потребно за таа да биде уште повидлива на светско ниво?
– Македонската кинематографија е една од гранките на македонската култура што убедливо е највидлива на светско ниво во изминатите 35 години. Нашите филмови денес, но и во изминатите децении се дел од најголемите светски фестивали како Кан, Венеција, Берлин, Санденс, Торонто и многу други, што е навистина голем успех за една мала кинематографија, која опстојува во сложени и често нестабилни услови. Тоа покажува дека Македонија има талентирани автори, силни филмски професионалци и автентични приказни што комуницираат со меѓународната публика. Но за таа видливост да биде континуирана, потребни се долгорочна стратегија, стабилна поддршка и континуирано инвестирање во развојот на филмската индустрија.

































