Фото: ЏК Ипон

МЕЃУНАРОДЕН ЏУДО-ТУРНИР ВО СКОПЈЕ

  • Турнирот повторно ја исполни својата главна цел, да им овозможи на младите спортисти да стекнуваат искуство, да се натпреваруваат
    со квалитетни противници и да ги развиваат спортскиот дух и пријателството преку овој динамичен спорт

Традиционалниот меѓународен џудо-турнир „Скопје опен 2026“ успешно се одржа во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, во коорганизација на скопските џудо-клубови Ипон и Карпош џудо мастер. На турнирот учествуваа 29 клуба од пет држави, со вкупно 230 натпреварувачи, што уште еднаш потврди дека „Скопје опен“ прераснува во еден од најзначајните младински џудо-турнири во регионот.
Најуспешни клубови по возрасни категории се ЏК Санкаку од Косово (во категоријата до 12 години), ЏК Гњилане од Косово (категорија до 14 години), ЏК Миоки од Скопје (категорија до 18 години), а вкупен победник на турнирот е ЏК Сеишин Прилеп.
Натпреварите се одвиваа во одлична спортска атмосфера, со голем број квалитетни борби и учество на млади и перспективни џудисти од Балканот. Турнирот повторно ја исполни својата главна цел, да им овозможи на младите спортисти да стекнуваат искуство, да се натпреваруваат со квалитетни противници и да ги развиваат спортскиот дух и пријателството преку овој динамичен спорт.
Организаторите изразуваат голема благодарност до сите клубови, тренери, натпреварувачи, судии и поддржувачи што придонесоа за успешната реализација на турнирот и најавуваат уште помасовно и поквалитетно издание на „Скопје опен“ во наредните години, информираат од клубовите организатори на турнирот. Г.И.