„Библиотекарот денес: професија во трансформација“ беше темата на Втората меѓународна конфереција која деновиве се одржа во Битола, во организација на НУУБ „Св. Климент Охридски“-Битола.
Темата е исклучително актуелна и значајна, бидејќи денес библиотекарот не е само чувар на книгите и на пишаното наследство. Брзите технолошки промени, дигитализацијата и новите потреби на корисниците ја транформираат библиотекарската професија и отвораат нови можности, но и нови предизвици.
Така денес библиотекарот е едукатор, посредник во пристапот до информации, дигитален водич, органзиатор на културни настани и активен учесник во развојот на заедницата.
Токму затоа е важно да се дискутира за промените и за современата улога на библиотекарите-велат организаторите.
На конференцијата учествуваа над осумдесет учесници од Македонија, Србија. Хрватска, Бугарија, Босна и Херцеговина, Литванија и Република Српска, а беа претставени 40 трудови кои ќе бидат објавени во зборник.
Во рамки на конференцијата беа одржани четири сесии со презентации во „Повер понт“ и една сесија со постер-презентации.
– Ова беше одлична можност за размена на искуства, унапредување на професионалните знаења и воспоставување на нови соработки помеѓу библиотеките во државата и на меѓународно ниво – истакна м-р Милка Котевска, раководителка на проектот.
Ф.Д.






































