Владата останува на ставот дека Клиничката болница во Скопје треба да се гради во близина на базенот кај арената „Борис Трајковски“ и оти тоа е најдобро решение.
– Дефинитивно остануваме на ставот дека Клиничката болница во Скопје треба да се гради на платото пред базенот „Борис Трајковски“. Тоа е земјиште кое е во приватна сопственост. Преговараме со приватниот сопственик и сакаме тука да го направиме сето тоа да може со подземен тунел да се поврзе со актуелната болница 8 Септември. Тука ни е пет-центарот и поликлиниката Букурешт и тоа ќе биде еден целосен заокружен комплекс – рече на денешниот брифинг со новинарите премиерот Христијан Мицкоски.
Тој додаде дека со сопственикот на таа приватна парцела преговараат да се направи трампа земја за земја и да се види до каде ќе се стигне. Досега, како што рече, е задоволен од тоа како течат преговорите.
Мицкоски најави дека продолжува и реализација на изградбата на Клиничката болница во Штип, заедно со медицински факултет и студентски дом, како и Клиничката болница во Тетово и Здравствен дом со проширена дејност во Кичево, пренесува МИА.

































