Фото: Пиксабеј

Шест лица загинаа, а осум се повредени во серија вооружени напади што вчера ги изврши 37-годишниот Метин Озтурк во турската покраина Мерсин. Напаѓачот, по неколкучасовна потера, извршил самоубиство откако бил опколен од жандармериските сили, пренесе „Турција денес“.

Според соопштението на локалните власти, првиот напад бил пријавен во населбата Кадели во округот Тарсус. Озтурк со автомобил пристигнал пред месарница и ресторан каде што работел до пред една година и отворил оган од возилото.

Во нападот загинале сопственикот на ресторанот Сабри Пан (30) и вработениот Ахмет Ерџан (18).

По нападот, Озтурк избегал со бел автомобил и продолжил со вооружените напади во повеќе населби. Во Јеникој го убил возачот на камион Ѓокај Селфиоглу, кој чекал на бензинска пумпа, а во Дарипинари ја застрелал својата поранешна сопруга Арзу Озден (32).

Напаѓачот потоа смртно ги застрелал Абдулах Коџа (50), кого го пресретнал на пат со мотоцикл, како и 16-годишниот овчар Јусуф Октај во населбата Каракутук.

Во нападите биле ранети уште осум лица, кои биле пренесени во болниците во Тарсус и околните места.

Турските безбедносни сили започнале широка потрага со хеликоптери и беспилотни летала во областите Тарсус, Чамлијајла и Позанти. Напуштеното возило на осомничениот било пронајдено во близина на Каракутук.

Озтурк подоцна бил лоциран во близина на шумска област во населбата Чокак. Специјалните полициски единици ја опколиле зградата во која се криел, по што тој се застрелал.

Локалните власти соопштија дека осомничениот претходно повеќепати бил хоспитализиран поради зависност од нелегални супстанции и психијатриски проблеми.

Пет од жртвите биле погребани во Тарсус, додека телото на возачот на камионот Селфиоглу било испратено во неговиот роден град Нигде.