Илустрација / Фото: Маја Јаневска Илиева
  • Министерството за социјална политика, демографија и млади не одобрила продолжување на лиценцата за работа на центарот, иако, како што велат оттаму, документите биле поднесени во соодветен рок
  • Станува збор за лица кои зависат од секојдневна помош за основните животни потреби – хранење, одржување хигиена, давање терапија и грижа во домашни услови. Дел од нив се неподвижни и со години врзани за кревет

Околу 270 стари и немоќни лица од Скопје и Струмица минатата недела останаа без услугата негувател што ја добивале преку Нега Центарот на Црвениот крст, откако администрацијата на Министерството за социјална политика, демографија и млади не одобрила продолжување на лиценцата за работа на центарот, иако, како што велат оттаму, документите биле поднесени во соодветен рок.

Станува збор за лица кои зависат од секојдневна помош за основните животни потреби – хранење, одржување хигиена, давање терапија и грижа во домашни услови. Дел од нив се неподвижни и со години врзани за кревет.
Нега Центарот е еден од провајдерите кои во договор со министерството пружаат ваква услуга на лицата на кои им е потребна.

Без работа останале и околу 90 негуватели, чиј надоместок за работа доцни во последните години.

Семејствата на корисниците сега се обидуваат сами да се организираат, додека оние што немаат блиски се надеваат на волонтерска помош од Црвениот крст.

-Минатата недела ми се јавија од Нега центарот и ми кажаа дека мајка ми повеќе нема да ја добива услугата. Таа има 86 години и четири години е врзана за кревет. Ни рекоа дека можеби повторно ќе се склучи договор, но не знаат кога. Дотогаш ќе мора сами да се снаоѓаме – вели Маја Илиева од Скопје.

Таа прашува дали семејствата повторно ќе треба да собираат документација и да поднесуваат барања, иако состојбата на дел од корисниците не е променета.

-Што е со луѓето што живеат сами и зависат од негувателите за најосновните потреби? – прашува Илиева.

Од Министерството за социјална политика, демографија и млади во првичниот одговор посочија дека секој давател на социјални услуги е должен 90 дена пред истекот на лиценцата да поднесе барање за продолжување.

-По јавен повик од страна на Министерството за социјална политика, демографија и млади, министерството со секој лиценциран давател за социјални услуги склучува управен договор со рок на реализација, зависно од дозволата за работа. Министерството располага со список на лиценцирани даватели за социјална работа, како и мрежа на овластени даватели за социјална работа. Секој давател на социјална работа на кој му истекува лиценцата е задолжен во рок од 90 дена пред истекот на дозволата да аплицира за нејзино продолжување. Како министерство, апелираме сите даватели да ги почитуваат законските рокови и да постапуваат согласно законските обврски – наведуваат од Министерството.

Но, од Нега Центарот на Црвениот крст тврдат дека роковите биле испочитувани. Според нив, комисијата за лиценцирање излегла на терен во Скопје дури на 24 април, а документите за лиценцирање биле поднесени на 12 февруари, во законски рок. Центарот, велат, ги отстранил сите забелешки на комисијата, но решенијата сè уште не биле доставени за сите општини.

На дополнителните прашања до министерството зошто навреме не се завршени овие процедури, што со корисниците на услугата кои немаат помош, зошто не се внимава да не се направи временски теснец за луѓето кои зависат од оваа услуга уште не добивме одговор, а штом ќе го добиеме ќе го објавиме. Н.Б.З.


Неколку часа по објавување на текстот добивме одговор на дополнителните прашања од Министерството за социјална политика, демографија и млади.

Одговорот од Министерството за социјална политика, демографија и млади го објавуваме во целост.
„Во насока на развој на социјалните услуги на локално ниво и воспоставување на систем на нивна одржливост Министерството најмалку еднаш годишно на веб страната на министерството објавува Јавен повик за обезбедување социјални услуги од општините, градот Скопје и општините во градот Скопје, здружение и приватен давател на социјални услуги од мрежата на овластени даватели на социјални услуги, а по потреба објавува јавен повик за иновативни и интервентни социјални услуги и Јавен конкурс за доделување на средства на здруженија и приватни даватели на социјални услуги за давање на социјални услуги кој се објавува во најмалку два дневни весници кои се издаваат на целата територија на Република Северна Македонија и на веб страницата на Министерството. Оваа година беа објавени Јавен повик и Јавен конкурс во декември 2025 година како и уште еден Јавен конкурс во текот на месец април 2026 година.
Со континуираното објавување на јавни повици и јавни конкурси согласно следењето на реалните потреби на корисниците евидентно е дека Министерството останува посветено на целта – континуиран развој на социјалните услуги и вклучување на што поголем број корисници – лица во социјален ризик во системот на социјална заштита преку можноста истите да се јават како корисници на одредена социјална услуга. Министерството и понатаму продолжува заедно со општините и лиценцираните даватели на социјални услуги да воспоставува и развива социјални услуги во локалните заедници, а во таа насока говори и фактот на континуирано зголемување на бројот на управните договори, кој за оваа година изнесува дури 98 склучени управни договори во рамки на Јавниот повик и Јавниот конкурс за доделување средства објавени во декември 2025 година, односно 15 дополнително склучени управни договори со Јавниот конкурс за доделување средства објавен во април 2026 година, со што вкупниот број на управни договори до сега изнесува 113.
При тоа, треба да се земе во предвид фактот дека Министерството со склучувањето на управните договори ја менува својата улога од директен давател на услуги во регулатор, финансиер и контролор на нивното обезбедување. Преку управните договори и реализација на механизмот за распределба на јавните средства, министерството обезбедува стандарди за квалитет и гарантирање дека услугите се обезбедуваат во согласност со утврдените правила и принципи од страна на самите лиценцирани даватели на социјални услуги, односно општините, кои се во директна и непосредна комуникација со корисниците кои се упатени со решение од меснонадлежниот центар за социјална работа за користење на услугата кај конкретен давател на истата. Во поглед на прашањето за ненавременото известување на корисниците ќе биде побарано во иднина навремено и транспарентно известување од страна на давателот на услугата за сите понатамошни чекори и можности за продолжување на услугата, а со тоа се овозможува и пренасочување на корисниците кај друг давател на социјална услуга, со цел да се обезбеди непречено користење на истата.
Министерството за социјална политика, демографија и млади на почетокот на годината склучи управен договор со Црвен крст на град Скопје за обезбедување на социјалната услуга помош и нега во домот, согласно капацитетот утврден во решението за давање дозвола за вршење дејност во социјалната заштита и согласно времетраењето на истото. Согласно законските одредби, еден од клучните предуслови министерството да склучи управен договор со лиценциран давател на социјална услуга е постоење на лиценца, односно дозвола за вршење дејност во социјалната заштита. Имено, управниот договор за обезбедување на услугата беше склучен на определен временски период и истиот истече на 12 мај 2026 година, согласно важноста на решението за лиценцирање на давателот на услугата (12.05.2026). Постапката за обновување на лиценцата не беше завршена навремено, поради недоставување на целокупната потребна документација од страна на давателот на услугата, согласно законските и подзаконските прописи.
Како надлежно министерство сме свесни дека потребата од услугата помош и нега во домот е од големо значење за корисниците, особено оние кои во голема мера се зависни од поддршката што негувателот ја овозможува во извршување на основните дневни активности и активности кои овозможуваат вклучување на корисникот во заедницата. Од тие причини, Министерството во координација со надлежните институции и давателот на услугата работи на изнаоѓање најсоодветно решение во најкус можен рок.
За сите дополнителни информации, корисниците ќе бидат навремено информирани преку центрите за социјална работа и давателите на услугите.“