Фото: ЕПА

Како „трансакцискиот“ модел на Трамп еродира под влијание на реалноста на војната

  • Дали САД ја губат довербата како најголем снабдувач со оружје во светот?
    Вашингтон веќе ги предупреди европските партнери – Обединетото Кралство, Полска, Литванија и Естонија – дека треба да очекуваат сериозни доцнења во испораките на ракетни системи. Разговори за одложувања се воделе и со азиски партнери, што укажува на поширок системски проблем. Европа и Украина се оставени да чекаат додека фокусот на САД се префрла кон Иран и Индопацификот

Војната со Иран не е само уште еден геополитички фронт за САД. Таа станува огледало во кое се рефлектираат слабостите на американската стратегија, но и на моделот на управување што го промовираше Доналд Трамп. Додека Вашингтон се обидува да одржи воена супериорност на повеќе фронтови истовремено, реалноста на ограничени ресурси и производствени капацитети почнува опасно да ја нагризува неговата глобална позиција.

Доцнење на испораките договорени од Трамп

Во последните два месеца, според информации од повеќе извори, американската војска веќе била принудена да пренасочува оружје од други региони за да ги пополни потребите во конфликтот со Иран. Овој чекор сам по себе е алармантен. Тој открива дека најмоќната воена сила во светот не располага со доволно резерви за да води долготрајна војна без да ги загрози сопствените обврски кон сојузниците.
Токму тие обврски сега доаѓаат под прашалник. Вашингтон веќе ги предупреди европските партнери – Обединетото Кралство, Полска, Литванија и Естонија – дека треба да очекуваат сериозни доцнења во испораките на ракетни системи. Разговори за одложувања, според истите извори, се воделе и со азиски партнери, што укажува на поширок системски проблем.
За Украина, која повеќе од четири години се потпира на американска воена поддршка во конфликтот со Русија, ова е особено лоша вест. Во момент кога неизвесноста околу западната помош веќе е висока, новите сигнали од Пентагон дополнително ја продлабочуваат загриженоста дека Киев може да остане без клучна логистичка поддршка.

Пад на кредибилитетот на САД како партнер

– Проблемот не е само во доцнењето на испорака на воената логистика туку во кредибилитетот. Соединетите Американски Држави со децении градеа имиџ на сигурен партнер, особено во доменот на наменската воена индустрија. Денес, тој имиџ почнува да се распаѓа под притисок на реалноста. Неспособноста да се испорача договореното оружје во предвиден рок директно удира во трите основни столба на секој бизнис: рок, цена и квалитет, велат наши соговорници, економисти и бизнисмени од повисок ранг.
Иронијата е што токму Доналд Трамп ја изгради својата политичка реторика врз принципите на бизнис-логиката. Европските сојузници беа под постојан притисок да купуваат американско оружје, да ги зголемат воените буџети и да ја „плаќаат својата сметка“ во рамките на алијансата. За возврат, требаше да добијат сигурност, предвидливост и квалитет.
Денес, тие добиваат – доцнења и непредвидливост!
Уште позагрижувачки е фактот што американските власти индиректно признаваат дека проблемот не е привремен. Пентагон внимателно ги преоценува сите тековни и идни испораки, повикувајќи се на „оперативно чувствителни причини“. Во превод, приоритетите се сменети, а Европа повеќе не е на врвот на листата, туку падна во една резервна, несериозно третирана бизнис-варијанта.

Сигнал за длабока трансформација на американската надворешна политика

Фокусот на Вашингтон очигледно се префрла кон Блискиот Исток и Индопацифичкиот Регион. Ова не е само стратешка корекција – туку сигнал за длабока трансформација на американската надворешна политика. Европа, која со децении беше столб на американската безбедносна архитектура, сега ризикува да стане периферија.
Во таков контекст, изјавите на Трамп за можноста за повлекување од НАТО добиваат нова тежина. Ако на тоа се додаде и фактот дека сојузниците одбија да се приклучат на неговата војна против Иран, јасно е дека односите влегуваат во фаза на сериозни тензии и недоверба.
Ситуацијата во Ормускиот Теснец, преку кој поминува значителен дел од светската нафта, дополнително ја нагласува комплексноста на кризата. Неуспехот на САД да обезбедат поширока коалициска поддршка за негово обезбедување само ја потврдува тезата дека американското лидерство повеќе не е неспорно. Напротив, тоа лидерство станува спорно.
Во меѓувреме, европските држави се соочуваат со непријатна вистина. Имено, тоа е очигледната зависност од американската воена индустрија.
– Повиците за забрзано зајакнување на сопствената одбранбена индустриска база веќе не се политичка реторика, туку очигледно европска стратегиска нужност, бидејќи Брисел без Вашингтон стрмоглаво пропаѓа – велат нашите соговорници.

Може ли САД сѐ уште да се сметаат за сигурни партнери?

Прашањето што се наметнува од страна на нашите соговорници, сериозни бизнисмени, навистина е едноставно. Имено, ако САД не можат да ги исполнат своите договори во кризни времиња, дали воопшто може да се сметаат за сигурен партнер?
Одговорот, барем засега, не оди во прилог на Вашингтон.
– На долг рок, штетата може да биде многу поголема од тековните доцнења. Губењето на довербата значи губење пазари, влијание и политичка моќ. Во свет каде што конкуренцијата расте, а геополитичките линии се прекројуваат, секоја слабост се казнува – тврдат соговорниците.
И токму тука лежи најголемиот парадокс. Политиката што требаше да ја направи Америка „победник“ во глобалната трговија и безбедност, сега ризикува да ја претвори во партнер на кој сè помалку му се верува.
Вашингтон, барем во овој момент, повеќе не изгледа како неприкосновен лидер, туку како сила што се обидува да ги стигне сопствените ветувања, а не успева. Р.С.