Пресек на договорените полиња на соработка помеѓу претседателот на САД, Доналд Трамп, и претседателот на Кина, Си Џинпинг, на самитот во Пекинг
Дводневниот самит меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот лидер Си Џинпинг во Пекинг заврши со серија економски и трговски договори што претставуваат најзначајно приближување меѓу САД и Кина по повеќегодишните трговски и геополитички тензии. Белата куќа и официјален Пекинг потврдија дека двете земји постигнале повеќе договори во повеќе области, и тоа во: земјоделството, воздухопловството, критичните минерали, инвестициите и трговијата
1. Земјоделство
– Договор за американска соја и земјоделски производи вреден најмалку 17 милијарди долари годишно
Најголемиот конкретен договор произлезен од самитот е кинеската обврска да купува американски земјоделски производи во вредност од најмалку 17 милијарди долари годишно во периодот од 2026 до 2028 година. Според Белата куќа, оваа бројка не ги вклучува претходните кинески обврски преземени во октомври 2025 година за купување американска соја. Кина веќе се обврза да купува околу 25 милиони метрички тони американска соја годишно. Американската администрација го претставува договорот како огромна победа за американските фармери, особено по драматичниот пад на извозот во Кина во текот на последните години поради трговската војна и високите царини. Според податоците објавени по самитот, американскиот аграрeн извоз во Кина во 2025 година паднал за повеќе од 65 проценти.
– Кина повторно го отвора пазарот за американско говедско месо
Еден од најзначајните резултати за американската месна индустрија е договорот Кина повторно да дозволи увоз на американско говедско месо. Пекинг се согласи да ги обнови истечените дозволи за повеќе од 400 американски производствени капацитети за говедско месо и да ги разгледа сите преостанати ограничувања за американските производители. Ова е особено важно за американската прехранбена индустрија бидејќи Кина е еден од најголемите светски пазари за месо.
– Продолжување на увозот на американска живина
Кина се согласи и повторно да дозволи увоз на американска живина од државите што американското Министерство за земјоделство ги прогласило за слободни од птичји грип. Оваа мерка треба да го стабилизира американскиот извоз на пилешко месо и живинарски производи, кој беше сериозно погоден од претходните санитарни ограничувања воведени од Пекинг.
2. Воздухопловство
– Голем договор за „Боинг“ – Кина ќе купи 200 авиони
Еден од медиумски најекспонираните договори е кинеската најава за купување најмалку 200 авиони од американскиот производител „Боинг“. Американскиот претседател Трамп изјави дека договорот може да се прошири и до 750 авиони доколку првата фаза биде успешно реализирана. Станува збор за прва голема кинеска нарачка за американски комерцијални авиони по речиси една деценија. Покрај авионите, американските власти соопштија дека Кина ќе купи и стотици авионски мотори и делови од американски производители, вклучително и од компанијата „Џенерал електрик“. Кинеските власти официјално не ги потврдија бројките, но признаа дека е постигнат договор за набавка на авиони и воздухопловна опрема.
3. „Критични“ минерали
– Ретки елементи – Вашингтон побара стабилност во снабдувањето
Едно од најчувствителните прашања на самитот било снабдувањето со ретки земјени елементи и критични минерали. САД побарале Кина да ги олесни ограничувањата за извоз на материјали што се клучни за американската автомобилска, технолошка и воена индустрија. Белата куќа соопшти дека Кина се согласила да разговара за мерки што ќе помогнат да се стабилизираат синџирите на снабдување за ретки минерали како итриум, скандиум, неодимиум и индиум. Пекинг, сепак, беше значително повнимателен во својата официјална изјава и избегна директно да споменува конкретни отстапки за ретките минерали. Американските медиуми оценуваат дека прашањето за ретките минерали останува едно од главните нерешени стратешки прашања меѓу двете сили.
4. Инвестиции и трговија
Од областа на инвестициите и трговијата, двајцата светски лидери договорија формирање нови трговски и инвестициски тела. Имено, Трамп и Си Џинпинг се согласија да формираат две нови институции:
1. Одбор за трговија меѓу САД и Кина
Одбор за инвестиции меѓу САД и Кина
Целта на овие тела ќе биде управување со трговските спорови, координација на инвестициите и олеснување на економската комуникација меѓу двете земји. Американските претставници објаснија дека новите механизми треба да помогнат во регулирањето на трговијата со „нестратешки“ производи и да спречат нова ескалација на економската војна.
– Можно намалување на царините
Кинеската страна соопшти дека двете земји разговарале и за можноста за намалување на царините на дел од производите. Иако Белата куќа не даде детали за евентуално укинување или намалување на тарифите, кинеските медиуми наведуваат дека тоа било дел од разговорите. Ова е важно бидејќи високите царини воведени во последните години сериозно ја нарушија трговската размена меѓу двете најголеми економии во светот.
– Американски енергетски производи и нафта
Според повеќе американски медиуми, Кина покажала интерес и за зголемен увоз на американска нафта и енергетски производи. Ова се случува во време на нестабилност на Блискиот Исток и ризици за транспортот преку Ормускиот Теснец, што ја прави американската енергија попривлечна за Пекинг.
– Медицинска и индустриска соработка
Американските претставници посочија дека новите трговски механизми ќе овозможат поголем извоз и на американски медицински уреди, индустриска опрема и технолошки производи. Сепак, прашањата за напредните чипови, вештачката интелигенција и американските ограничувања за кинеските технолошки компании остануваат нерешени.
Самит со многу симболика
И покрај многубројните најави, аналитичарите предупредуваат дека голем дел од договорите сè уште немаат прецизни рокови и правно обврзувачки механизми. Кинеските власти беа значително порезервирани од американската страна во претставувањето на резултатите од самитот, што е резултат на непредвидливоста на американскиот претседател, кој во повеќе наврати дава свои ставови во јавноста за одредени одлуки, а потоа ретерира од истите тие, па дури некогаш кажува и сосема спротивни ставови, што аналитичарите некогаш го оценуваат и како некаква стратегија во преговори. Сепак, самитот во Пекинг означува нов обид за стабилизација на односите меѓу Вашингтон и Пекинг по години исполнети со трговски санкции, технолошки ограничувања и геополитички судири. Двајцата лидери веќе договориле нова средба во САД во септември, што, според дипломатските извори, треба да биде продолжение на разговорите за трговија, инвестиции и за глобална безбедност. Р.С.
Новата оска Вашингтон-Пекинг и последиците за Европа и Балканот
Дали договорите од Пекинг за енергија, индустрија и капитал ќе ја заобиколат Европа
- Самитот меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот лидер Си Џинпинг во Пекинг не е важен само за односите меѓу двете најголеми економии во светот. Постигнатите договори за трговија, земјоделство, авиони, ретки минерали и за инвестиции веќе отвораат прашања какви ќе бидат последиците за Европа, а индиректно и за Балканот
Иако во јавноста најмногу внимание привлекоа кинеските најави за купување американска соја, говедско месо и авиони „боинг“, економистите предупредуваат дека значајна нишка од договореното има во обидот Вашингтон и Пекинг да воспостават еден „нов модел на економска стабилност“, по години трговска војна и нарушени синџири на снабдување. Но токму тука Европа би можела да се најде во незгодна позиција.
Брисел и Европа стравуваат од нов економски договор
Според наши брифери од Брисел, во средиштето на ЕУ, во Брисел постои сериозна загриженост дека евентуално приближување меѓу САД и Кина „ќе ја ослабне европската позиција во глобалната трговија“. Европската Унија во последните години се обидуваше да води внимателна политика меѓу Вашингтон и Пекинг, нашите брифери ја нарекоа таа политика и „несигурна и двојна политика“, без целосно приклучување кон американската стратегија за ограничување на Кина, но и без премногу економско приближување кон кинеската економија, при што во обид да се седи „на две столчиња“, Брисел пропаднал во процепот помеѓу… брифираат нашите извори.
– Сега, доколку САД и Кина почнат да ги намалуваат трговските тензии и повторно да отвораат големи пазари еден за друг, европските компании би можеле да изгубат дел од конкурентноста. Особено се чувствителни европските земјоделци. Кинеските договори за масовен увоз на американска соја, месо и живина можат да го намалат просторот за европските аграрни производи на кинескиот пазар. Франција, Германија, Холандија и Шпанија веќе неколку години се обидуваат да го зголемат аграрниот извоз во Кина – издвојуваат нашите соговорници.
Германската индустрија внимателно го следи договорот за ретки минерали
Најголемо внимание во Европа предизвикуваат договорите околу ретките земјени елементи и критичните минерали. Германија, како најголема индустриска економија во Европа, е силно зависна од кинеските суровини за автомобилската индустрија, батериите, електрониката и обновливите извори на енергија. Доколку Кина почне да им дава приоритет на американските компании во снабдувањето со ретки минерали, европските производители би можеле да се соочат со нови ценовни шокови и проблеми во производството. Особено е ранлив германскиот автомобилски сектор, кој веќе трпи последици од високите цени на енергенсите и слабата побарувачка. А и авиоиндустријата на Европа е на штрек. Кинеската најава за купување 200 авиони од „Боинг“ се следи со внимание и во Европа.
– Европскиот производител „Ербас“ во последните години имаше значајна предност на кинескиот пазар, делумно поради затегнатите односи меѓу Вашингтон и Пекинг. Сега постои можност американските компании повторно агресивно да се вратат во кинеската авиоиндустрија, што би можело да ја намали европската предност. За европската економија ова е важно бидејќи воздухопловната индустрија носи десетици илјади работни места и огромни извозни приходи – истакнуваат нашите соговорници од Брисел.
Балканот индиректно ќе ги почувствува промените
Иако Балканот не е директен играч во американско-кинеските односи, регионот може силно да ги почувствува економските последици.
Наши соговорници од државава, економисти и аналитичари, веднаш и над сѐ истакнуваат дека балканските економии се зависни од европската индустрија, особено германската.
– Доколку германската економија влезе во нов циклус на нестабилност поради конкуренцијата со САД и Кина, тоа директно ќе влијае и врз Балканот преку намалување на извозот, инвестициите и побарувачката за работна сила. Македонија, Србија и Босна и Херцеговина се особено поврзани со германскиот автомобилски и индустриски сектор преку фабриките за делови и компоненти. Секое забавување на европската индустрија брзо се прелева и врз балканските економии – велат тие.
За Балканот постојат и можности за позитивни ефекти во делот од храната и енергентите
Според нашите соговорници, од нивните анализи, за нашите читатели тие имаат и позитивни изненадувања, односно тие констатираат дека постојат и потенцијални позитивни ефекти.
– Ако САД и Кина успеат да ги стабилизираат трговијата и глобалните синџири на снабдување, тоа може да доведе до намалување на цените на храната, транспортот и дел од суровините. За Балканот, кој силно зависи од увоз, ова би можело да значи помал инфлаторен притисок. Особено е важна стабилноста на цените на енергентите и индустриските метали, бидејќи тие директно влијаат врз цените на производството и животниот стандард. Кина нема да се откаже од своето економско присуство во Југоисточна Европа. Пекинг веќе има значајни инфраструктурни инвестиции во Србија, Црна Гора, Унгарија и делови од регионот преку иницијативата „Појас и пат“. Аналитичарите сметаат дека Кина ќе се обиде да го задржи Балканот како логистички и транспортен коридор кон Европа, без оглед на евентуалното подобрување на односите со Вашингтон – велат нашите соговорници, додавајќи дека ако ова сценарио на затоплување продолжи, ќе попушти и притисокот на САД во врска со можни потенцијални инвестиции на Кина во Македонија, како на пример од областа на енергетиката и инфраструктурата, што е многу значајно за нашата земја.
Европа повторно меѓу две сили
– Самитот Трамп–Џинпинг покажа дека и покрај политичките судири, САД и Кина имаат силен интерес да ја стабилизираат економската соработка. За Европа тоа претставува сложен предизвик. Од една страна, Брисел сака да ги зачува блиските односи со Вашингтон. Од друга, европската економија не може лесно да се одвои од кинескиот пазар и кинеските суровини – тврдат нашите соговорници од државава, економисти и аналитичари, додавајќи дека „Балканот останува во позиција да ги чувствува последиците од секое глобално економско поместување, без реална можност директно да влијае врз тие процеси“.
Соговорниците на крајот истакнуваат дека договорите постигнати во Пекинг се далеку од „билатерална приказна меѓу САД и Кина“. Тие ќе влијаат врз трговијата, индустријата, цените и инвестициите многу пошироко, тоа се процеси што имаат директно влијание на светската економија, енергетика, финансии, трговија, безбедност и дека е добро што процесот на разговори е започнат, а уште подобро што барем едната од двете страни има становишта во кои војната не е алтернатива за да се покаже на тој начин кој е голема сила, а кој е помала и дека општиот просперитет и благосостојба се филозофија и стратегија што единствено носат раст и развој за целото човештво, а не за поединечни нации и држави. Р.С.
































