Фото: Твитер/МНР на Русија

Москва денеска ги повика Обединетите нации, кои го спонзорираа договорот за обновување на извозот на украинско жито, да помогнат во исполнувањето на делови од договорот кои се однесуваат на олеснување на извозот на руска храна и ѓубрива.

Договорот истекува на 19 ноември и Москва јасно стави до знаење дека не верува дека е направено доволно за да може да ги извезува своите големи резерви на храна и ѓубрива и покрај санкциите на Западот поради инвазијата на Украина.

Русија го прекина учеството во иницијативата поради нападот во Севастопол, но се врати во средата, обезбедувајќи малку за возврат и ветувајќи дека нема да ги блокира пратките од Украина доколку повторно се повлече.

-И натаму не гледаме никакви резултати во однос на вториот аспект: отстранување на пречките за извоз на руско ѓубриво и жито – рече рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на прес-конференција во Аман.

-Уште еднаш го повикавме генералниот секретар на ОН да ги исполни обврските на кои се согласи самоиницијативно – додаде тој.

Тој истакна дека ситуацијата треба да се реши „во многу блиска иднина“.

-Во блиска иднина треба да се преземат најсериозни чекори за да се одржи договорот, особено во вториот дел, бидејќи количината на ѓубриво и жито што се извезува од Русија е неспоредливо поголема од онаа од Украина – рече Лавров.