- Со оваа свеченост, Спомен-домот на Разловечкото востание добива нов живот како музејска подружница на Центарот за култура „Никола Јонков Вапцаров“ – Делчево, каде ќе се чува и пренесува меморијата за првата искра на македонската револуционерна борба. Настанот во Разловци е потсетник дека континуитетот на борбата и жртвата на водачите се темели врз кои се гради современата македонска држава.
Со особена чест и длабока почит, денес во селото Разловци се одржа свеченото отворање на обновениот Спомен-дом на Разловечкото востание, објект кој сведочи за непокорот, жртвата и историската меморија на македонскиот народ. Во годината кога се одбележуваат 150 години од Разловечкото востание (1876–2026), еден од најзначајните симболи на македонската револуционерна мисла повторно ги отвори своите врати. Обновениот Спомен-дом ќе функционира како простор на сеќавање, достоинство и национално наследство, а присуството на свеченоста беше чин на заедничко чествување на еден од најсветлите јубилеи од нашата историја.


Проектот е реализиран од Националниот конзерваторски центар – Скопје, во рамките на Годишната програма за остварување национален интерес во културата за 2026 година, со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам. Настанот е дел од владините приоритети за зачувување и афирмација на културното наследство.
Премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање истакна „Да ја чуваме и да ја градиме државата. Да не дозволиме никој да ја понижува. Нека биде вечен споменот на хероите од Разловечкото востание. Нивната жртва нека биде наш завет. Нека биде вечна Македонија.“
-Ниту една политичка разлика не смее да биде поголема од татковината и ниту една лична амбиција не смее да биде поважна од иднината на нашите деца. Денес сме овде, во Разловци, на оваа света земја, за да одбележиме 150 години од Разловечкото востание. Стоиме исправени пред историјата, пред жртвата и пред споменот на луѓето кои во едно тешко и мрачно време ја избрале најтешката, но и најсветата патека – патеката на слободата – изјави македонскиот премиер Мицкоски.


М-р Александар Јорданоски, претставник на Националниот конзерваторски центар, истакна дека обновата на Спомен-домот не може да се сведе само на градежна интервенција„Ова не е обична техничка задача. Со обновувањето на Спомен-домот се разбуди поширок интерес за Разловечкото востание – научниците повторно почнаа да истражуваат, да бараат нови материјали, а тоа е позитивно бидејќи кругот на внимание и учество се шири.“ Тој нагласи дека секоја активност поврзана со востанието има ефект што се пренесува понатаму „Слично како камче фрлено во вода што создава концентрични кругови – една иницијатива повлекува друга. Секој наоѓа свој начин да придонесе: градежникот со обновата, историчарот со истражувањето, конзерваторот со заштитата. Сите заедно ја градиме и афирмираме оваа приказна.“
Јорданоски потсети дека првичната иницијатива за обнова датира од 2013 година, а минатата година објектот доби статус на значајно културно наследство, со што државата презема формална обврска за негово одржување и зачувување.
Настанот во Разловци не е само формално чествување, туку живо сведоштво за историскиот континуитет и духовната сила на македонскиот народ. Тој потсетува дека борбата за слобода и жртвата на водачите не се изолирани епизоди, туку темели врз кои се изгради современата македонска држава. Разловечкото востание, со својата симболика и со своите херои, е првата искра што ја осветли патеката кон организираната револуционерна мисла. Од таа искра се разгори пламенот што ќе ја води Македонија низ Кресна, Илинден и АСНОМ, создавајќи мост меѓу генерациите и нивната саможртва.

Денешното обновување на Спомен-домот е чин на враќање кон корените, но и порака за иднината: дека државата се гради врз паметењето на оние што ја избрале најтешката, но и најсветата патека – патеката на слободата. Тоа е завет што нè обврзува да ја чуваме Македонија со истата решителност со која востаниците ја бранеа својата чест и достоинство. Со оваа свеченост, Разловци станува симболичен простор каде минатото и сегашноста се спојуваат, а споменот на хероите се претвора во вечен темел на државноста.
Д.Ст.
































