На 27. издание на фестивалот „Распеано рибарче“ во Охрид
Охрид и овој мај живееше во знакот на детската музика. На почетокот на месецов, во текот на два дена, на сцената во Центарот за култура „Григор Прличев“ беа изведени дури 43 нови детски песни, а во фестивалската програма на „Распеано рибарче“ настапија повеќе од 70 изведувачи, танчари и танчарки, кои со својата енергија и талент приредија вистински музички спектакл за публиката.
Фестивалот беше прогласен за отворен од заменик-градоначалничката на Општина Охрид, Ана Крстеска.
– „Распеано рибарче“ одамна не е само фестивал – тоа е вистински охридски бренд, препознатлив културен белег и место каде што се раѓаат нови музички ѕвезди. Токму на оваа сцена низ годините своите први чекори ги направиле голем број млади таленти, идни пејачи, автори, композитори и аранжери, кои подоцна продолжиле успешно да чекорат по музичкиот пат – рече Крстеска.
Детските песни од првите фестивалски изданија и денес живеат, се пеат и будат носталгија кај генерациите што пораснале со нив. Хитовите што ги обединуваат и старите и новите генерации се најдобар доказ за квалитетот и вредноста на оваа музичко-сценска манифестација. Можеби токму некое од децата што годинава застанаа пред микрофонот и на сцената, во иднина ќе стане големо музичко име и ќе живее професионално за и од музиката.
Фестивалот и оваа година се реализираше под покровителство на Општина Охрид.
Посебна вредност за публиката претставува тоа што сите изведени детски песни од ова издание, покрај на Јутјуб и на каналот на ИНТВ, ќе бидат емитувани и на сателитската телевизија ИНТВ, овозможувајќи фестивалската магија да стигне до гледачите низ Македонија, но и до македонската дијаспора. М.Ј.

































