Во однос на бугарското вето се разгоре дискусија дали вклучувањето на бугарските барања во преговарачката рамка за ЕУ е добро или не, што се сведува на расправа
за „ужасен крај“ или „ужас без крај“
Безизлезноста во која навлегуваат бугарско-македонските односи, сѐ поизвесното продолжување на бугарското вето за ЕУ, како и изјавите на Макрон за „европска геополитичка заедница“, но и геополитичките предизвици со војната во Украина го поставуваат прашањето дали членството на Македонија во ЕУ е во ќор-сокак и како понатаму.
Планот на Макрон за „европска геополитичка заедница“ не е новина, ниту изненадување и е обид за компромис меѓу „ЕУ-проширување“ и „ЕУ-продлабочување“. На шеесетгодишнината на ЕУ, во 2017 г. во „ЕУ – има ли живот по шеесеттите?“ пишував за судирот меѓу двата концепта, кој тогаш не се нарекуваше „европска геополитичка заедница“, туку „Повеќе Европа“ во смисла на федерација или соединети држави на Европа, „Европа со повеќе брзини“ или „варијабилна геометрија“ и тогаш го споредив со Изетбеговиќ – Глигоров платформата за „асиметрична федерација“ за СФРЈ. Најновиот план на Макрон е во тој дух и говори за различни степени на поврзување како што се шенгенот и еврозоната, односно земјите што го сакаат тоа да се интегрираат повеќе. Тоа во основа може да се интерпретира како најмалку две групи, каде што основното јадро го сочинуваат Германија, Холандија, Бенелукс, Италија и би продолжило со посилна интеграција. Во втората група би биле „суверенистите“ како Полска и Унгарија. Сега со „европска геополитичка заедница“ се додава трета група во која Макрон ги вклучува В. Британија, можеби Норвешка, и поранешните советски земји како Украина, Грузија и Молдавија. Дополнително, Макрон предлага да се укине одлучувањето со консензус и нов концепт на одлучување. Ова, секако, не е поради бугарското вето, туку бидејќи Франција ќе бара можности да се неутрализира доживувањето на ЕУ-проширувањето како ширење на германскиот блок. Новите членки како Албанија и Македонија, веројатно, ќе бидат под поголемо влијание на Вашингтон или Берлин, а помалку на Париз, па Франција сака да избегне ситуација каде што ќе биде надгласувана од такви земји. Проба на системот е можеби „Евровизија“ каде што пет земји добија право на директно учество, додека сите други треба да се натпреваруваат и има двоен систем за гласање. Каде е Македонија во планот на Макрон? И покрај тоа што Макрон стоеше зад нашата блокада во 2019 година („Будење по триесетгодишен ЕУ-сон?“), може да се претпоставува дека Македонија и Западен Балкан ќе бидат во ЕУ, не во новопредложената „европска геополитичка заедница“, но само откога ЕУ ќе помине низ процес на реорганизација, не пред тоа.
Во прилог на тоа оди и фактот дека Макрон вложува и личен напор во бугарското вето и со разговорот со Димитар Ковачевски, премиер на Македонија, како и претстојниот разговор со бугарското раководство. Во однос на бугарското вето се разгоре дискусија дали вклучувањето на бугарските барања во преговарачката рамка за ЕУ е добро или не, што се сведува на расправа за „ужасен крај“ или „ужас без крај“. Како што пишував во 2020 година во „Кој срам за ЕУ и интеграциите“, „преведено на маалски силеџиски јазик на Каракачанов, ЕУ препорачува на страната што е булирана, која е силувана, да се договори со силеџијата, со силувачот!“ Без промена на антимакедонските ставови на делови од бугарската политика, целосно е сеедно дали ќе остане бугарското вето сега или повторно ќе се случи ново вето за една, две години или која било година додека траат преговорите на ЕУ и Македонија.
Доколку се наоѓаме во ЕУ ќор-сокак, како понатаму? Минатата, 2021 година, напишав „Прекин на пристапувањето во ЕУ, веднаш!“ Иако ваквиот наслов асоцира промена на геополитиката, тоа не е предлог за промена. Уште во моите коментаторски почетоци во 2012 година во „(Анти)американизам“, или во годинашниот коментар „Сакаме европеизација, не бугаризaција, не значи путинизам!“ тврдам дека Македонија има основен општествен договор за евроатлантска интеграција, суштински, вредносно, интересно, во секое поле и во секоја смисла Македонија е поврзана со Западот. Прекин на пристапувањето во ЕУ веднаш е потреба да пораснеме, да преземеме одговорност, како граѓани и како политика, а со тоа и како општество и како држава. Независноста на Македонија не донесе суштинска независност, туку само промена на зависноста со Брисел наместо Белград и „ЕУ-преговори“ се новиот социјализам што треба да нѐ донесе во „ЕУ-членство“ како нов комунизам. Мора да ја надминеме зависноста и да станеме независни, за да бидеме подготвени за меѓузависност, за вистинско партнерство, вклучувајќи и со Грција, Бугарија и ЕУ.
Отворен Балкан не може да биде замена на ЕУ, но доколку придонесе кон европски Западен Балкан, нема ниту една причина Македонија активно да не придонесува. Стравувањата од „српски свет“, откако СПЦ ја поддржа автокефалноста на МПЦ, како чин на откажување од српскиот хегемонизам, се малку релевантни. Стравувањата од компетитивноста на српската економија се релевантни, но побогу ако стравуваме од српската економија, што со полската и германската економија во ЕУ? Ако „Отворен Балкан“ донесе да нема граници меѓу нас на Балканот, ако се укинат царините, ако се зголеми соработката, да за „Отворен Балкан“.
Повеќе потпрени на самите себе, со наша македонска европеизација, со придонес кон европски (Западен) Балкан ќе дојде часот и за нас како полноправни членови во ЕУ.
Авторот е аналитичар*
*Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ
/ Ставовите се лични
Блог www.megjutoa.mk
@sklek #ОтворенБалкан #ЕУ