фото: Царина

Златна плочка проценета на 4,5 милиони денари била запленета во акција на царински службеници на излез од државата на граничен премин Богородица, информираа денеска од Царинската управа.

Случајот е откриен откако автобус што сообраќал на релација Гостивар-Истанбул бил издвоен за контрола, по што, поради основани сомневања, е извршена детална контрола на патник, македонски државјанин. При претресот, во едниот негов чевел е пронајдена златна плочка тешка 848 грама, обвиткана во бела хартија.
– Со умисла за криумчарење, сторителот, кој ја чувал плочката во сакото, непосредно пред контролата ја скрил во чевелот. Против сторителот, од страна на Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги, до ОЈО Гевгелија е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „криумчарење“, казниво по Кривичниот законик – посочија од Царинската управа.
Од таму порачаа дека во континуитет спроведуваат активности за спречување на нелегална трговија и криумчарење вредна стока, со цел заштита на легалните трговски текови и економските интереси на државата.