Во егзистенцијална агонија

Речиси сите имаме начини и средства да се информираме за состојбите и за процесите во поблиското и во подалечното опкружување. Знаеме дека цените на храната и на другите основни животни продукти во светот достигнуваат мошне високи нивоа. Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации, која ја покрива и потрошувачка кошничка со основни прехранбени производи (жито, месо, млечни производи, растителни масла и шеќер), неодамна информира дека индексот на цените го достигнал својот историски максимум од 159,7 во месец март, што инаку е зголемување од 141,1 во споредба со индексот што важеше во претходниот месец. Иако овој индекс донекаде се намали во месец април, на 158,5, сепак, поради актуелните случувања се очекува и понатаму да се креваат цените до нови повисоки нивоа. Зарем тоа не требаше да биде доволно предупредување за надлежните да ги осмислат одговорите на најавениот брутален бран поскапувања? Можеби, во моментот, тоа не можеа да бидат некакви широки и сеопфатни мерки, но некакви преодни решенија, секако, можеле да се најдат

Ценовниот шок со кој деновиве се соочија дел од граѓаните, сосема сигурно, врз нивните организми дејствуваше поразорно од заразата со коронавирусот, а оние што за поскапувањата на основните животни намирници беа делумно или целосно однапред информирани останаа зачудени од неподносливата леснотија со која властите ги фрлија во оган граѓаните од кои го добија мандатот. Без никакви однапред предвидени и искалкулирани механизми за амортизирање на ценовниот шок, по две и пол години живот со пандемијата и сите психози предизвикани од глобалните безбедносни превирања, Владата на Македонија мораше да има сценарио за премостување на граѓанската мака и чувство на одговорност за своето „стадо“. Енигма е зошто таа едноставно ги одмрзна цените, оставајќи ги луѓето да се борат со потопот, па кој исплива?!…
Тие што имаа готови пари на располагање, завчера ги испразнија маркетите, носејќи дома намирници како да се подготвуваат за нуклеарна војна. Тие што немаа, останаа со прашањето како и со што да се преживее? Тука и не се мисли на „тешката зима“ што ја најави премиерот Димитар Ковачевски, туку за претстојното лето што е на прагот?
Прексиноќешната глетка врз празните полици и врз вработените во маркетите, кои со последните сили на испаничените купувачи им објаснуваа дека некои намирници едноставно ги нема, ме потсети на ситуацијата кога властите, на почетокот на пандемијата, како една од првите мерки за спречување на ширењето на заразата го скратија работното време на продавниците, банките, јавните служби… при што се создадоа невидени турканици, во кои луѓето, едноставно, беа принудени на уште поголеми групирања доколку сакаа да не заглават во повеќедневен карантин без основни средства за преживување. Нешто слично се случи и деновиве, кога дел од луѓето, во обид да купат уште по нешто по „старите цени“ носеа дома сѐ што можеа, без реална процена на сопствената куповна моќ, без промислување дали тоа што го купуваат ќе ги задоволи нивните потреби, па дури и без да го погледнат рокот на траење на намирниците. Во паниката ги заробуваа своите пари. На трговците, пак, им беа нарушени тековите на снабдувањето, а нивните вработени беа доведени во состојба на прекумерно истоштување. Тоа, се разбира, се одрази и врз производителите, кои останаа во дилема дали сега да го зголемат, да го намалат или да го задржат досегашното ниво на производство и набавки, што воопшто не се лесни калкулации. Премногу силни потреси за производството, трговијата и потрошувачката на една и инаку кревка економија каква што е македонската.
И сето тоа затоа што надлежните, едноставно, повторно беа фатени како неподготвени или, пак, се во моментов нерасположени да ги согледаат нештата низ пошироката призма, да ѝ се посветат на својата работа, препуштајќи му го системот на егзистенцијалната агонија што резултира со сѐ поголем број осиромашени граѓани и пропаднати фирми.

Да се менаџираат нештата не е само привилегија. Тоа е и голема обврска и предизвик, кој подразбира демонстрација на квалитети и вештини од широк спектар, чиј недостиг не може да се покрие со никакви ПР-служби и стратегии, особено на со овдешните, кои, рака на срце, многу заостануваат зад светските трендови, така што нивните застарени „технологии“ и „производи“ не претставуваат ништо повеќе од навреда дури и за просечно интелигентните граѓани.
Речиси сите имаме начини и средства да се информираме за состојбите и за процесите во поблиското и во подалечното опкружување. Знаеме дека цените на храната и на другите основни животни продукти во светот достигнуваат мошне високи нивоа.
Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации, која ја покрива и потрошувачка кошничка со основни прехранбени производи (жито, месо, млечни производи, растителни масла и шеќер), неодамна информира дека индексот на цените го достигнал својот историски максимум од 159,7 во месец март, што инаку е зголемување од 141,1 во споредба со индексот што важеше во претходниот месец. Иако овој индекс донекаде се намали во месец април, на 158,5, сепак, поради актуелните случувања се очекува и понатаму да се креваат цените до нови повисоки нивоа. Зарем тоа не требаше да биде доволно предупредување за надлежните да ги осмислат одговорите на најавениот брутален бран поскапувања? Можеби, во моментот, тоа не можеа да бидат некакви широки и сеопфатни мерки, но некакви преодни решенија, секако, можеле да се најдат.

Ние, со нашите скромни ресурси како граѓани, секако, не сме тие што најпрецизно и инстант ќе ги предложиме најефикасните идеи и решенија за властите, но доволно е дека барем во интерес на јавноста и граѓаните се реагира и се прават обиди да се најде решение за излез. Традиционалните и професионални медиуми се обидуваат да го направат тоа. Да изнајдат решенија, предлози, да им помогнат на своите граѓани, а пред сѐ на оние што ги креираат политиките, консултирајќи се со експерти за мислења, искуства и добри практики. Тоа воопшто не се злонамерни иницијативи. Напротив. Тие иницијативи не треба да се толкуваат како атаки, иако „во житото секогаш има и какол“! Токму затоа, пораката е да се чувствува пулсот на граѓаните, здивот на нацијата и државата, да си ги пресложат приоритетите и своето дејствување да го насочат кон општиот, наместо кон различните, повеќе или помалку познатите, парцијални интереси. Сѐ повеќе осиромашеното граѓанство го очекува тоа, барем оној негов дел што веќе не е на крајот од силите и кој не ја започнал процедурата за иселување. Предизвикот за ефикасни решенија, привилегијата и обврската да се донесат и спроведат се на оние што одлучуваат. Тие се на потег!

[email protected]