Седумнаесет години по завршетокот на Втората светска војна дојде до сериозно влошување во односите меѓу земјите-членки на антихитлеровската коалиција. Заострувањето во односите Исток-Запад кулминира со кризата околу Куба во 1962 година, која беше предизвикана со најавата на советскиот лидер Никита Хрушчов за инсталирање советски ракети на Куба. Во тоа време Советскиот Сојуз и САД беа единствени земји што имаа нуклеарно оружје и кои суверено доминираа не само во односите Исток-Запад туку и во светот. Ваквата геополитичка формација, и покрај повремените конфликти, релативно добро функционираше во периодот на Студената војна.
Актуелната криза околу Украина има многу сличности со кубанската криза, но има многу работи по кои се разликува. Куба се наоѓа на осумдесетина километри од САД и со распоредувањето на советските ракети на Куба сериозно би била загрозена безбедноста на Америка. Тогашниот американски претседател Џон Кенеди реагираше мошне енергично, така што советскиот лидер Никита Хрушчов се откажа од намерата за инсталирање ракети на Куба. Украина е практично на прагот на Русија, така што со зачленувањето на Украина во НАТО сериозно би била загрозена безбедноста на Русија. Кубанската криза беше судир на двете суперсили, САД и Советскиот Сојуз, додека кризата околу Украина е судир меѓу Русија и САД и НАТО, кое е проширено со членки на поранешниот Варшавски пакт (ВП).
На преговорите меѓу земјите-членки на НАТО и на Варшавскиот пакт за намалување на конвенционалното оружје, кои се одржаа во Виена, во осумдесеттите години од минатиот век, беше договорено радикално намалување на конвенционалното оружје, како предуслов за зајакнување на мирот и стабилноста во Европа. Меѓутоа, земјите на Варшавскиот пакт, кои, во споредба со земјите-членки на НАТО, имаа огромна предност во конвенционалното оружје, беа обврзани да уништат огромни количества од ваквото оружје. Со договорот од Виена беше предвидено воспоставување на паритет во конвенционалното оружје меѓу НАТО и ВП. На основа на овој договор, земјите-членки на НАТО имаа обврски да уништат мали количества конвенционално оружје, додека земјите-членки на ВП имаа обврска да уништат неспоредливо поголеми количества вакво оружје. Тенковите што Бугарија ѝ ги подари на Македонија беа дел од вишокот тенкови што во согласност со спомнатиот договор требаше да бидат уништени.
На средбата Горбачов – Реган, која се одржала во Рејкјавик (Исланд), во 1986 година, било разговарано, меѓу другото, и за иднината на воено-политичките организации, Варшавскиот пакт и НАТО. Идеологот на Перестројката и Гласноста, Александар Јаковљев (1923-2005), во едно негово предавање на Калифорнискиот универзитет рекол дека на средбата во Рејкјавик било договорено да се расформираат двете воено-политички организации, НАТО и ВП, меѓутоа тоа не било внесено во протоколот од разговорите?!
Горбачов беше мошне суетен политичар, кој беше фасциниран од тогашните моќни западни лидери Роналд Реган, Маргарет Тачер и Хелмут Кол, на кои безрезервно им веруваше и се обидуваше да ги копира. Се облекуваше кај најпознатиот лондонски кројач, кој му сошил 13 костуми. Пред уривањето на Берлинскиот ѕид, германскиот канцелар Хелмут Кол беше во посета на Советскиот Сојуз. Во програмата на посетата била предвидена посета на Екатеринбург. Германскиот канцелар Кол посетата на овој град ја условил со согласност на Горбачов за обединување на Германија. На ваквото условување, Горбачов реагирал со Пајдјом (Одиме)!
Наследникот на Горбачов, Борис Елцин, не само што го снижи рејтингот на Советскиот Сојуз на најниско ниво туку, со цел да застане на чело на Руската Федерација, се согласи со растурањето на Советскиот Сојуз и на тој начин ја разнебити Русија. Во времето на неговото владеење се случи криминалната приватизација, која овозможи разграбување на општественото богатство од мал број привилегирани луѓе што прераснаа во моќни олигарси, кои си воспоставија плутократски систем на владеење. Сепак, на Елцин мора да му се признае дека направи вистински потег со определбата да го устоличи Путин на чело на Руската Федерација. Со својата политика, Путин успеа да го поврати достоинството на Русија.
Меѓународната позиција на Русија е мошне комплицирана. За да ги зачува својата безбедност и територијалниот интегритет, Русија е принудена да вложува огромни средства за зајакнување на нејзината безбедност. Треба да се има предвид дека некои влијателни британски медиуми заговараат идеи за поделба на Русија на два или три дела, од кои западниот дел би ѝ припаднал на Велика Британија.
Во осумдесеттите години од минатиот век, во Советскиот Сојуз дојде до лидерска криза, по смртта на Брежњев дојде Черњенко, кој почина по околу една година, а по него дојде Андропов, кој исто така почина по една година. Во 1985 година, на чело на Советскиот Сојуз дојде Михаи Горбачов, кој внесе радикални промени во политиката на Советскиот Сојуз. Тој се согласи Советскиот Сојуз, во меѓународните односи, да настапува како нормална земја, а не како суперсила. Упорно се залагаше за обединување на Европа, која би се простирала од Лисабон до Владивосток и за изградба на заеднички европски дом во „кој би имало соба и за Советскиот Сојуз“. Горбачов беше особено заинтересиран за битно намалување на нуклеарното оружје и настојуваше овој договор да биде потпишан со моќниот американски претседател Реган како гаранција дека ќе се реализира.
По Втората светска војна, Западот беше зафатен со ирационален страв од комунизмот, особено поради мошне динамичниот развој на социјалистичките земји, кога успехот во економскиот развој се изразуваше во метри и во тони. Познатиот советски/руски мислител, социолог и публицист Александар Зиновјев, кому во времето на Брежњев му беше одземано советското државјанство и беше принуден да емигрира на Запад, напиша дека поразот на Истокот е најголема победа на Западот во неговата историја. Меѓутоа, Западот треба да ги има предвид неславните обиди на Наполеон, пред околу два века, и на Хитлер, пред околу осум децении, за окупација на Русија.
Глобализацијата придонесе транснационалните корпорации да ја преземат улогата на политичарите и да водат политика што води кон заробување на државите за остварување на нивните интереси. За ова се свесни политичките и милитарните структури во земјите од Западот. Американскиот претседател Трамп беше устоличен со поддршка на околу 200 американски генерали и адмирали, кои беа заситени од војните што САД ги водеа во разни земји. Факт е дека Трамп не започна ниедна нова војна и нималку не е случајно тоа што, иако повеќе од една година не е претседател на САД, во американските медиуми е попопуларен и поприсутен од актуелниот претседател Џо Бајден!?
Во последните два века светот е битно променет. Во минатиот век, Западот беше избезумен од стравот од комунизмот. За да го спречи ширењето на комунизмот во западните земји, САД со Маршаловиот план им помогнаа на западноевропските земји да ги санираат штетите што им беа нанесени во Втората светска војна и да го зајакнат нивниот економски развој. По победата на Запад над Истокот се елиминирани идеолошките разлики што беа главна причина за затегнатите односи во светот.
Во втората половина од минатиот век на светската сцена силно зачекори Кина, која сѐ посериозно ги загрозува лидерската улога на САД во економијата и науката и лидерската улога на Германија во извозот. Познатиот американски експерт за геополитика Збигњев Бжежински пред околу две децении напиша дека САД до 2050 година ќе бидат светски лидери во одбраната и безбедноста, во економијата, во финансиите и во науката, но ги предупреди Американците дека треба постепено да се подготвуваат за приземјување.
Изнесов неколку мои размисли за состојбите и перспективите во меѓународните односи, при што настојував да водам сметка моите ставови и мислења да бидат базирани на факти и аргументи, а не на симпатии или антипатии кон кој било значаен фактор во меѓународните односи. Се надевам дека и овој пат ќе преовлада разумот на водечките светски лидери и дека актуелната криза околу Украина ќе биде надмината на мирен начин и без крвопролевање!?
Коста Стоименовски