Фото: Маја Јаневска Илиева

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски демантираше дека имал официјална билатерална средба со бугарската министерка за надворешни работи Весислава Петрова Чамова во Брисел, појаснувајќи дека станувало збор само за кратка размена на зборови на маргините на настан.

Во реакцијата објавена по изјавите на бугарската министерка, Муцунски нагласи дека немало официјален состанок меѓу двајцата шефови на дипломатијата.

– Во однос на изјавата на мојата нова бугарска колешка, Весислава Петрова Чамова, би сакал да појаснам дека денес немавме официјална билатерална средба. Имавме кратка размена на зборови на маргините на настан, во присуство на повеќе колеги. Ако едноминутен разговор се нарекува „средба“, тогаш денес навистина имавме многу „средби“ – наведе Муцунски.

Тој реагираше и на употребата на терминот „северномакедонски“ од страна на бугарската министерка, оценувајќи дека таквото именување е неточно и несоодветно.

– Би сакал да потсетам дека користењето на терминот „северномакедонски“ за означување на македонскиот народ е неточно и несоодветно. Македонците се Македонци. Ова не е прашање на политика, туку на основно почитување на идентитетот и достоинството на еден народ – истакна Муцунски.

Тој додаде дека во дипломатијата прецизноста не е само формалност, туку одраз на меѓусебна почит, изразувајќи надеж дека наскоро ќе се одржи официјална средба со неговата бугарска колешка во, како што рече, „пријателска и позитивна атмосфера“.

Претходно, бугарските медиуми, повикувајќи се на изјава на Чамова, објавија дека таа имала „убава прва средба“ со Муцунски на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на Европска Унија.

– Бугарија има јасно изразена позиција, која од 2022 година повеќе не е билатерално прашање, туку прашање за дискусија меѓу Европската Унија и земја-кандидат. Овој прозорец за проширување може да се отвори следната година и ако не се искористи оваа можност, навистина може да се изгуби – изјавила Чамова, пренесе Бгнес.

Таа додала дека Бугарија има широк политички консензус околу ова прашање и дека од македонска страна се очекуваат конкретни чекори што ќе покажат подготвеност за продолжување на европскиот пат.