Работнички Скопје е новиот шампион на Македонија во женска конкуренција! Клубот ја продолжи традицијата и по пауза од една година, одново е на врвот, освојувајќи ја рекордната 18-та шампионска титула во својата клупска историја со која останува најтрофеен тим кај дамите. Во „мајсторката“ од финалето на плејофот Работнички Скопје со пресврт стигна до победа од 1:3 (25:16, 20:25, 25:27, 23:25) против Наковски Волеј, односно со 3-2 во победи ја затвори финалната серија.
Слично како и на претходните четири меѓусебни дуели од завршницата, така и во Струмица конкурентите за титулата одиграа натпревар со многу надигрување и надмудрување, долги поени, неизвесност и драма, во која одлучуваа нијанси и моменталната инспирација.

Наковски Волеј отвори со 1:0 во сетови, но со голема борба и пожртвувана игра Работнички Скопје се избори за комплетен пресврт и за победа од 1:3, која е всушност прва за нив во Струмица против овој противник сезонава и им ја донесе рекордната 18-та шампионска титула.
Се намачија девојките на Душко Деспотовски за да слават „шампионско полнолетство“, кон кое ги предводеше Тамара Стојанова со 20 поени, Андротеа Милевска имаше 18, додека Антонија Баталаковска запиша 17 поени.
Во редовите на Наковски Волеј Ивана Милева постигна 16 поени, додека Сара Марковиќ и Љиља Ковачевиќ реализираа по 15 поени.
Екипата на Наковски Волеј одигра скоро перфектна сезона, со оглед на тоа дека во регуларниот дел од првенството имаше само еден пораз од Младост УГД и како лидер на табелата влезе во битката за шампионската титула. Сепак во премиерниот настап во финалето на плејофот, клубот не успеа да стигне до целта и да се радува на историски шампионски пехар.


































