Од ракометното минато (22)
- Дебитантскиот настап од сите во клубот беше оценет како успешен. Оние што мислеа оти скопјани ќе им бидат „топовско месо“ на поискусните, се измамија
Ракометарите на Работнички, по дебитантска полусезона во Првата лига, во пролетниот дел ги очекуваше уште потешка задача за да се одбрани прволигашкиот статус. Сите беа свесни оти ќе треба да се вложат многу напори за „железничарите“ да го остварат тоа. Патот што требаше да се изоди до крајот беше многу тежок и неизвесен. И покрај неколкуте изненадувачки резултати, сепак, Работнички како новајлија уште беше потценет од противниците и речиси сите беа уверени дека тој е меѓу оние два тима што ќе ја напуштат лигата. Тоа никој отворено не го кажуваше, но можеше да се претпостави оти староседелците во лигата го мислеа тоа. Сега, Работнички предводен од својот стратег и капитен Славко Матовски беше на потег и самиот требаше да си ја крои својата судбина.
Пораз од Борац и вклучено „црвеното“ светло
Кога во шестото пролетно коло „железничарите“ беа поразени од бањалучки Борац пред своите гледачи со 14-13, веќе беше вклучено „црвеното светло“. Беше многу опасно ако овој пораз беше сфатен како крај на надежите. Но, кога се мислеше оти тој комплетно ќе ги сотре надежите за опстанок, Работнички како да воскресна. Голема заслуга за тоа имаше и раководството на клубот, кое успеа да се консолидира, но најмногу од сите за оптимизмот што провејуваше во скопскиот тим заслужни беа тренерот Славко Матовски и навивачите, кои во сите моменти, и кога на тимот му одеше и кога запаѓаше во криза, беа осмиот играч, давајќи му целосна поддршка. Во Скопје таа пролет од спортски аспект вриеше. Повеќе се зборуваше за ракометот одошто за фудбалот. Вардар сите си го сакаа, но тој како поискусен тим во прволигашката конкуренција знаеше да се справи со сите проблеми, додека Работнички допрва требаше да го помине патот и да стане како Вардар.
Поразот од Борац малку ги размрда сите, но тој беше и опомена оти само со големо залагање ќе се стигне до посакуваната цел, опстанок во Првата лига. За настапот во следното коло против Партизан во Бјеловар уште пред средбата се добиваше впечаток дека Славко и неговите момци се помирени со пораз. Основно во овој меч ќе биде да се зачува свежината на играчите за она што допрва ги очекуваше. И навистина беше така, Работнички истрча повеќе формално на теренот во Бјеловар, без стандардните првотимци Никола Матовски и Миле Кратовалиев, кои останаа во Скопје. И овој податок најубаво зборува дека е ова повеќе тактички потег, за двајцата да бидат максимално подготвени за следниот меч против големиот фаворит Црвена звезда во Скопје. Така, во Бјеловар се одигра еден натпревар без какви било амбиции и поразот беше неминовен, Партизан победи со 7-3. Резултатот најубаво покажува оти условите за игра не биле најповолни. И навистина така било, поради поројниот дожд теренот повеќе изгледал на бара одошто на ракометна арена. Но немало бегање и морало да се прегрми и тоа. Славко со голема комбинаторика во водењето на мечот не дозволил екипата да биде катастрофално поразена. Битно било да се зачува свежината на играчите, а притоа да не се доживее резултатска катастрофа. Во тоа успеале и сега сите погледи биле насочени кон средбата во Скопје против фаворитот Црвена звезда.
Меч за пресврт и за – оптимизам
Доаѓањето на белграѓаните, кои во своите редови ги имаа и познатите репрезентативци Рагуш и Цвијетиќ, предизвика големо интересирање, возбуда, но и страв кај симпатизерите на Работнички. Но добра околност беше што „звездашите“ во последните неколку кола не блескаа, па можеше да се очекува дека и во Скопје ќе бидат на слично ниво. Сепак, требаше да се биде внимателен, зашто се работеше за непредвидлив и квалитетен состав, накусо кажано сите опции за исходот од мечот беа отворени.
Гледачите со нетрпение го очекуваа почетокот на пресметката, која за Работнички беше од големо значење. Доколку победи, сѐ ќе биде во ред и пред последниот настап нема да има никаква паника и страв. Ова беше мечот дали ќе се биде или не. Во своите мемоари Славко Матовски за овој меч напиша: „Психозата на страв зашто теоретски опстанокот не беше обезбеден многу се одрази, не само во почетокот од мечот туку во текот на целото прво полувреме. Во грч, со претпазлива, на моменти и конфузна игра, некако го поминавме првиот дел, кој мора да кажам заврши среќно за нас, 3-3. Во второто полувреме играчите тргнаа на сѐ или ништо, се ослободија од почетната психоза и многу посмело одеа кон противничкиот гол. Во моментите кога беше најпотребно се разбрани и искусниот голман Жарко Ѓукиќ, кој имаше неколку извонредни интервенции, кои ја вратија самодовербата кај нашите играчи. Тогаш во нападот се разиграа искусните Геровски и Загорац, кои со младиот Томановиќ ја скршија одбраната на Црвена звезда и со голема поддршка на гледачите го отвораа патот кон победата. Во финишот ’звездашите’ наполно беа разбиени, повеќе не даваа отпор и заслужено беа поразени со шест гола разлика, 11-5“, запишал Славко Матовски во својот тренерски нотес.
Голема радост за навивачите
Радоста кај сите симпатизери беше голема, не само поради тоа што беше совладана Црвена звезда, која важеше за една од најсилните југословенски екипи, туку и поради фактот што на едно коло пред крајот опстанокот и теоретски беше обезбеден. Остануваше да се одигра уште последното коло, во кое Работнички му гостуваше на Партизан од Лесковац. Растоварени од притисокот и од стравот од испаѓање, ракометарите на Работнички отпатуваа без големи мотиви, зашто работата веќе беше завршена. Во овој последен меч скопјани доживеаја пораз со 16-11, но тоа не влијаеше врз конечниот пласман. Тие, и пред овој пораз веќе го имаа обезбедено седмото место, кое за еден нов прволигаш беше сосема коректен пласман. Во оваа прва сезона во Првата лига битно беше да се опстане во елитното друштво, а Работнички успеа да го оствари тоа.
Инаку, првото место во таа сезона го освои Борац од Бања Лука, кој за еден бод беше подобар од екипите што цело време го следеа, Партизан од Бјеловар и Млада Босна. Бањалучаните први ја пресекоа лентата на целта со 24 бода. Партизан од Бјеловар беше втор, Млада Босна трета, Младост од Загреб четврти, Црвена звезда петта, Загреб шести, а Работнички со еден бод помалку од загрепчаните беше седми. Партизан од Лесковац во финишот се спаси, а лигата ја напуштија Железничар и Локомотива.
Со ведар поглед кон иднината
Откако ја прегрме првата сезона во најсилното ракометно друштво во поранешна Југославија, сега со искуство повеќе и со ведар поглед кон иднината, Работнички ја очекуваше втората прволигашка сезона. Овој пат ракометарите имаа и поголема одговорност, зашто требаше да докажат оти успехот не беше случаен. Меѓутоа, она што го предвидуваше стратегот Славко Матовски, по завршувањето на натпреварите да се продолжи со активен одмор на играчите не се оствари. Наместо тоа, Управата на клубот донела одлука на играчите да им се даде 40-дневен одмор. Со тоа не се согласувал Славко, но бил немоќен да ги убеди раководните луѓе дека толкав одмор подоцна негативно ќе се одрази врз формата на ракометарите. Но одлуката била донесена и со тоа работата била завршена. Славко знаеше оти тој повторно ќе ги има истите маки како во претходната година. Единствено што му остана во оваа ситуација беше да ги посоветува, дури и да ги замоли играчите, да не се опуштаат премногу и да го користат секој миг од одморот за индивидуален тренинг. Некој можеби го послушал, некој не, но контрола на оваа работа не можел да има.
Единствен ракометар што не прекинал со тренинзите бил Теофил Томановиќ, кој по блескавите игри во Работнички, бил земен во составот на југословенската сениорска репрезентација. Тофо, кој беше дисциплиниран и многу вреден, не сакајќи да ја испушти големата шанса заедно со Славко продолжил со тренинзи.
Подготовките за новата сезона почнале во првата недела од август во Струга. Тоа, според мислењето на Славко, било многу доцна, зашто првиот прволигашки натпревар требало да се одигра три недели по почетокот на подготовките, период што за една прволигашка екипа е многу мал. Сепак, и покрај краткото време до почетокот на натпреварите, Работнички учествувал на два турнира, во Струга и во Битола. На Струшкиот турнир ги совладал ДТВ Партизан (Белград) и Трговски (Скопје) и го освоил првото место. Во Битола, пак, во првиот натпревар на турнирот загубил од домашниот Работник со 13-11, а во вториот славел над Пелистер со 13-9, па, така, поради подобра гол-разлика и на овој турнир триумфирал. Инаку, според зборовите на тренерот Матовски, поразот од Работник не го очекувал и, според него, тој дошол како резултат на премореноста на играчите од настапите на претходниот турнир во Струга.
Летото заврши и сега тимот го очекуваше нова прволигашка неизвесност. Интересно е оти во новата сезона ќе го има за противник и месниот ривал Графичар, кој успешно ги помина квалификациите и им се придружи на прволигашите. Но, уште пред почетокот беше хендикепиран, бидејќи доби казна од три натпревари неиграње. Зошто се случи тоа, ќе прочитате идната недела.






























