САД се соочуваат со една од најтешките фискални слики во поновата историја
- Министерството за финансии, предводено од секретарот Скот Бесент, ги објави плановите за ново задолжување, потоа за динамиката на издавање државни обврзници и очекуваните потреби за финансирање на федералната влада. Според податоците на Канцеларијата за управување и буџет (OMB), дефицитот за фискалната 2026 година се проценува на 2,06 билиона долари, додека за 2027 година прогнозата е уште повисока – 2,17 билиона долари
Американското Министерство за финансии се соочува со една од најтешките фискални слики во поновата историја. Според најновите процени на Извршната канцеларија на претседателот на САД, федералниот буџетски дефицит за фискалната 2026 година најверојатно ќе надмине два билиона долари – бројка што економските аналитичари и фискалните конзервативци ја оценуваат како сериозно предупредување за иднината на американската економија.
Во најновите документи за рефинансирање и управување со државниот долг, Министерството за финансии, предводено од секретарот Скот Бесент, ги објави плановите за ново задолжување, динамиката на издавање државни обврзници и очекуваните потреби за финансирање на федералната влада.
Според податоците на Канцеларијата за управување и буџет (OMB), дефицитот за фискалната 2026 година се проценува на 2,06 билиона долари, додека за 2027 година прогнозата е уште повисока – 2,17 билиона долари. Овие бројки се значително над процените на Конгресната буџетска канцеларија (CBO), која предвидува нешто пониски, но сепак историски високи дефицити.
Долгот расте од месец на месец
Со вакво темпо, американската влада практично секој месец ќе мора да создава повеќе од 166 милијарди долари нов долг во текот на актуелната фискална година. Од октомври, месечниот просек би можел да се искачи на околу 181 милијарда долари.
Во меѓувреме, вкупниот национален долг на САД се приближува до психолошката граница од 39 трилиони долари. Според последните податоци на Министерството за финансии, американскиот долг веќе достигнал 38,91 билиони долари.
Економистите предупредуваат дека проблемот повеќе не е само големината на долгот туку и цената на неговото одржување.
Каматите стануваат огромен товар
Трошоците за сервисирање на долгот веќе достигнуваат нивоа што може да се споредат со комбинираните буџети за образование и одбрана. Само во периодот од октомври 2025 до март 2026 година, американската влада исплатила речиси 530 милијарди долари за камати.
Тоа значи дека САД трошат повеќе од 88 милијарди долари месечно само за отплата на камати, или над 22 милијарди долари неделно.
Фискалните аналитичари предупредуваат дека ваквата динамика може дополнително да го ограничи просторот за инвестиции во инфраструктурата, образованието, технологијата и одбраната – области што се клучни за долгорочната конкурентност на земјата.
Стравувања од можна фискална криза
Маја Мекгинис, претседателка на Комитетот за одговорен федерален буџет, оценува дека ситуацијата станува сè поалармантна.
– Дефицити од два билиона долари некогаш беа незамисливи и се појавуваа само за време на големи рецесии. Денес тие стануваат новата нормалност – предупредува таа.
Според неа, финансиските пазари нема бесконечно да го толерираат американското задолжување и ризикот од фискална криза постепено расте.
Сличен став изрази и Фредерик Кемпе, претседател на Атлантскиот совет, кој смета дека довербата во американската финансиска стабилност не исчезнува одеднаш, туку постепено еродира.
– Поголемиот долг, доколку не се контролира, значи повисоки каматни стапки за станбени кредити и заеми за компаниите. Тоа ги пренасочува ресурсите од идните инвестиции кон плаќање на старите долгови – предупредува Кемпе.
Целта од три отсто од БДП изгледа недостижно
Во американските политички кругови сè почесто се споменува идејата буџетскиот дефицит да се ограничи на три отсто од бруто-домашниот производ – праг што многу економисти го сметаат за долгорочно одржлив.
Но актуелните бројки покажуваат колку се далеку САД од таа цел. Денешниот дефицит веќе надминува шест отсто од БДП, што е двојно повеќе од посакуваното ниво.
За да се постигне целта до 2036 година, Вашингтон би требало да го намали дефицитот за околу 10 билиони долари во следната деценија – нешто што би барало длабоки буџетски реформи, намалување на јавната потрошувачка и политички тешки одлуки.
Долгот како геополитички ризик
Финансиските експерти предупредуваат дека растечкиот долг не е само економско туку и геополитичко прашање. Во време кога глобалното ривалство меѓу САД и Кина се интензивира, огромните каматни плаќања може да ја намалат способноста на Америка да инвестира во технолошка предност, воена модернизација и економски развој.
Прашањето што сè почесто се поставува во Вашингтон е дали американската економија и светските пазари ќе продолжат да имаат доверба во моделот на постојано растечко задолжување или се приближува момент кога цената на долгот ќе стане преголема дури и за најсилната светска економија. Е.Р.






























