Фото: ЕПА

Се раѓа ли нов „Примаков триаголник“ меѓу Москва, Пекинг и Техеран и дали светот влегува во ера на постамериканска доминација?

  • Патувањето на иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи во Санкт Петербург и потоа во Пекинг не беше само дипломатска турнеја. На пример, во очите на бразилскиот геополитички аналитичар Пепе Ескобар, тоа е јасен сигнал дека се обликува нов центар на глобална моќ, еден евроазиски блок што би можел длабоко да го промени светскиот поредок
  • Во срцето на оваа визија стои идејата за нов „Примаков триаголник“, не сочинет од Русија, Индија и Кина, туку од Русија, Кина и Иран. Овој концепт, кој до пред неколку години изгледаше како теоретска геополитичка фантазија, денес сè повеќе добива конкретна форма како нуклеус (јадро) во кој се раѓаат енергетски договори, воена координација, алтернативни финансиски механизми и заеднички отпор кон американските санкции и западната доминација…

Рускиот стратег и поранешен премиер Евгениј Примаков уште во 1990-тите години предупредуваше дека униполарниот свет под водство на САД нема да трае вечно. Неговата идеја беше создавање стратешка оска Москва–Пекинг–Њу Делхи, која би спречила глобална американска хегемонија.
Но денес, според многу аналитичари, Индија веќе не е сигурен партнер во таква конструкција. Њу Делхи ја продлабочува соработката со Вашингтон преку КУАД, купува западна технологија и внимателно балансира меѓу Русија и Западот. Токму затоа, во анализите на Ескобар, Иран постепено ја презема улогата што некогаш му беше наменета на индискиот столб.

ЗОШТО ИРАН СТАНА ТОЛКУ ГЕОСТРАТЕГИСКИ ВАЖЕН?

Во содржината на одговорот на ова прашање постојат три клучни причини.
– Прва е географијата. Иран е мост меѓу Блискиот Исток, Централна Азија, Кавказ, Русија и Кина. Без Иран, копнената евроазиска интеграција останува недовршена.
– Втора е енергијата. Иран располага со огромни резерви на нафта и гас, а во услови на глобална енергетска нестабилност тоа станува стратешко оружје.
– Трета причина е отпорот. По децении санкции, Техеран разви сопствени финансиски и индустриски механизми за преживување надвор од западниот систем. Тоа искуство денес е драгоцено и за Москва, која по војната во Украина се соочува со сличен модел на изолација.
Според бразилскиот геополитички аналитичар Пепе Ескобар, токму тука се раѓа новата оска. Русија нуди воена и стратешка длабочина, Кина економска моќ, а Иран географска и енергетска клучка.

ОРМУСКИОТ ТЕСНЕЦ – НАЈОПАСНАТА ТОЧКА НА ПЛАНЕТАТА

Во центарот на целата драма е Ормускиот Теснец, морскиот премин низ кој поминува значителен дел од светската трговија со нафта. Секое зголемување на тензиите околу Ормуз веднаш ги тресе глобалните пазари. Цената на нафтата реагира нервозно, осигурителните компании ги зголемуваат трошоците, а големите сили почнуваат да пресметуваат колку долго би издржала светската економија при евентуална блокада.
Во тој контекст бразилскиот геополитички аналитичар Пепе Ескобар оди чекор подалеку и тврди дека „Иран постепено го претвора Ормуз во инструмент на стратешко одвраќање“. Неговата теза е дека „американската морска супериорност повеќе не е апсолутна како во 1990-тите години. Развојот на хиперсонични ракети, дронови и асиметрични воени системи создава нов баланс“.

КИНА НЕ МОЖЕ ДА ДОЗВОЛИ ПАД НА ИРАН

За Пекинг, Иран е многу повеќе од партнер. Тој е суштински дел од кинеската иницијатива „Појас и пат“, копнен мост кон Блискиот Исток и Европа и критичен снабдувач со енергенти. Пекинг веќе има долгорочен стратешки договор со Техеран, вреден стотици милијарди долари, кој опфаќа енергетика, инфраструктура и безбедносна соработка.
Кинеската логика е едноставна. Ако Иран биде дестабилизиран, целата евроазиска инфраструктурна архитектура ќе биде загрозена. Затоа Кина внимателно се позиционира како дипломатски посредник, но и како тивок гарант дека Техеран нема да остане изолиран.

РУСИЈА И ИРАН – ОД ТАКТИЧКО ПАРТНЕРСТВО ДО СТРАТЕШКА ОСКА

Односите меѓу Русија и Иран драматично се продлабочија во последните години. Москва и Техеран денес соработуваат во воената индустрија, енергетиката, транспортот и разузнавањето. Северно-јужниот транспортен коридор, кој треба да ги поврзе Русија, Каспискиот Регион, Иран и Индиски Океан, добива сè поголемо значење во услови кога западните санкции ги затвораат традиционалните маршрути.
За Кремљ, Иран претставува излез кон „топлите мориња“ и партнер во борбата против западниот притисок. За Иран, Русија е клучен дипломатски и воен штит во Советот за безбедност и пошироката геополитичка конфронтација.

ДЕДОЛАРИЗАЦИЈАТА – ПРОЦЕС ПРОТИВ АМЕРИКАНСКАТА МОЌ

Еден од најважните елементи во оваа нова геополитичка архитектура е постепеното напуштање на доларот. Кина и Русија веќе сè повеќе тргуваат во национални валути. Иран, поради санкциите, одамна бара алтернативни финансиски механизми.
Според бразилскиот геополитички аналитичар Пепе Ескобар, новата евроазиска оска би можела да создаде паралелен финансиски систем независен од СВИФТ (SWIFT) и западните банки. Во таков систем, енергетските трансакции би се вршеле во јуани, рубли или преку т.н. златни механизми.
Доколку тоа навистина се случи во поголем обем, последиците би биле историски. Американската глобална моќ со децении не се темели само на војската туку и на доминацијата на доларот.

КАКО РЕАГИРААТ САД?

Вашингтон сè уште има огромна воена и економска предност. Американската морнарица сепак е најсилна во светот, а американските сојузи во Персискиот Залив и понатаму се влијателни.
Но проблемот за САД е што денешниот свет повеќе не е униполарен. Војната во Украина, растот на Кина, кризите во Блискиот Исток и постепеното приближување меѓу Москва, Пекинг и Техеран создаваат нов тип на глобална рамнотежа. Дури и американски аналитички центри предупредуваат дека „Русија, Кина и Иран функционираат како ’тактички триаголник’, кој може сериозно да ги усложни западните стратегии!“
Но, Русија и Кина не секогаш имаат идентични интереси. Пекинг сака стабилност и непречена трговија, додека Москва често игра преку конфронтација и геополитички притисок. Иран, пак, има сопствени регионални агенди, кои не секогаш се совпаѓаат со кинеските економски интереси.
Дополнително, Кина внимателно ги одржува односите и со Саудиска Арабија и со земјите од Заливот, што значи дека не сака целосно да застане зад иранската конфронтација со Западот.
Токму затоа некои аналитичари предупредуваат дека станува збор повеќе за „оска на интереси“ отколку за вистински воен сојуз.

СВЕТОТ ВЛЕГУВА ВО НОВА ЕПОХА

Она што денес се случува околу Иран можеби е повеќе од регионална криза. Можно е да сме сведоци на раѓање на „нов евроазиски центар на моќ“, кој постепено ќе го предизвикува западниот систем создаван по крајот на Студената војна.
Токму затоа, патувањето на Арагчи во Москва и Пекинг можеби беше само дипломатски протокол. Но во симболична смисла, тоа изгледа како порака дека Евроазија почнува да размислува и дејствува како единствен геополитички простор.
Затоа, доколку новиот „Примаков триаголник“ навистина се консолидира, тогаш конфликтот околу Иран нема да биде само блискоисточна криза. Тој би можел да стане пресвртна точка во создавањето нов светски поредок, односно свет во кој американската доминација ќе биде оспорена од здружена евроазиска сила што ги поврзува ресурсите на Русија, индустриската моќ на Кина и геостратешката позиција на Иран. Р.С.