„ОД ЃУРЃОВДЕН ДО МИТРОВДЕН“
Малата соба на баба Агнија од Штип
„Беговите чифлигари во Овчеполијата беа внимателни кон селското население, затоа што имало случаи на жестоки одмазди…“
Така пишува за ситуацијата во нашите краишта пред речиси два века во една книга од 1943 година. Доколку умееме да пораснеме над „официјалното“ гледиште на нештата, и од книги што се пишувани по пропагандна нарачка би можеле да научиме многу за нашите предци. Така би спознале како да преживееме и да обезбедиме помирна и побезбедна иднина за идните генерации Македонци. Еве како старите се сеќавале на времињата кога конспирацијата била на многу високо ниво.
„На времето баба Агнија беше тиха, мила и безлична штипска женичка, забрадена со црна шамија, пргава како сите наши жени и неуморна во своите домашни работи. Но, откако Даме и Гоце се настанија да живеат во нејната куќа, таа тутакси се промени. Изминаа само два месеци, а промената веќе се гледаше. Доаѓаа еснафи, занаетчии, трговци, доаѓаа селани од Овчеполијата. Што бараше сиот тој свет во таа мала соба? Зошто сите доаѓаа во недоумица, а си одеа со дигнати глави и радосни? Гледајќи го сето тоа, баба Агнија се прашуваше и сама што ли се случува, но не умееше да си одговори. Но, нејниот женски ум разбра, дека тоа кое се прави во изнајмената соба од учителите не е лошо…
Соседите на баба Агнија многу често набљудуваат како во пазарен ден, приквечер, во портите на баба Агнија влегува натоварено магаренце со прачки, водено од куц селанец во овчеполска носија. Тоа е курирот, кој ја носи поштата на комитетот. Самарот на магаренцето е шуплив, и таму е скриено…Курирската служба на Организацијата беше многу тешка и многу одговорна. За курири се земаа најдоверливи и добро испитани луѓе. Курирот предводеше чети и пренесуваше оружје и пошта. Тргаа од Штип рано утрото, а околу полноќ стигаа во Ќустендил…
Откако здраво се организираа во Овче Поле и Пијанец и се обезбедија канали до Ќустендил, дејноста се пренесе на југ и запад, отаде Вардар. И така, за брзо време се појавија борци кои го зачудија светот со своите подвизи. Еден настан пред портите на Битола како огромна бомба избувна сред безнадежната раја. Донката од овчеполското село Ерџелија носел бомби за Битолскиот револуционерен комитет. Товарен со ориз, меѓу кој било оружјето, бил откриен од колџиите. Тврдиот комита ги истрпе сите маки, не спомна никој и не издаде ништо. Кога тоа го дозна народот, веќе нештата станаа поразлични.
Организирани и превоспитани од овчеполскиот кнез, војводата Мише Развигоров, по Илинденското востание, селата во Овче Поле и Штипско до Хуриетот беа вистинска крепост на Организацијата. Организацијата овде направи чуда. Турчин ноќно време не смееше да замркне на полето. Земјите и чифлиците на беговите и агите беа откупени и распределени меѓу населението, кое ја обработуваше земјата. Турскиот суд во Штип опусте, а место него народот си имаше свој, таен суд. Еден од најдостојните великани и маченици, револуционер, апостол и војвода, кој ја преобрази Овчеполијата и направи од доскорашните селски „момоци“ – имотни и самостојателни селани земјоделци е Михаил Развигоров. Тој бил ангел чувар, бил и насекаде и никаде, револуционер, учител, судија и духовник.“
Гоце Делчев за животот и слободата
„Нека видат, нека знаат дека и јас сум само како сите луѓе. Јадам, пијам, пушам, прикажувам, се смеам, се шегувам, грешам, се забавувам, сакам да слушам музика и сѐ друго, како другите. Да не мислат дека јас и другарите сме различни. Да видат дека секој може да биде како мене, како нас, само ако сака. Само желба, искрена и тврда, е потребна. Јал, пил, волничил, младост живеел. Па и да грешел некогаш, ако денес во овој час има искрена желба да служи верно – сѐ друго е минато, изживеано, и ние сме го изживеале и го живееме. Секој може да биде како мене, какви што ми се другарите – само треба да има желба!
И јас можев да останам на должност, на работа и да ги тркалам дните и месеците еден по еден, да го мкнам животот, да се наведнам пред врагот, да теглам и да робувам. Но, многу читав и научив дека тоа е бесмислица и дека тој живот не е за мене. Уште во училиштето копнеев за слобода, а никаде не можевме да ја најдеме. А и смислата на животот не ја гледав во тоа да јадеш, да живееш и да умреш. Тоа е исто како да не си се родил. Барав во книгите, трагав по минатото, во животите на другите. Многу читав, многу барав и најпосле видов место каде што човек може да си ја најде слободата за себе, да биде безгранично слободен – тоа е… во висините при орлите. Таму, како нив, човек се чувствува себеси и е независен.
Ја барав и смислата на животот и смислата ако го дадам. Зошто да живеам, кога е подобро да се самоубијам, си мислев. Барав и читав. Читав и трагав по смислата на мојот живот. Ги отфрлав сите борби од секојдневниот живот. Не ми ласкаа ни натпревари, каде што само се издигаш на грбот на другите за да стоиш над нив. Мислев и за многумина што си ги давале животите на разни начини и патишта заради доброто, заради убавото, за благото на народот, на татковината. Јас со своите слаби сили не можам да ги стигнам великаните. Разбрав дека можам да му дадам смисла на мојот живот најлесно, најбрзо и најубаво кога ќе слезам од орловите висини во село, каде што има несреќни, буквално несреќни, добри наши браќа, кои гинат и гнијат не во една неволја, не во едно ропство. Да идам при нив, да ги прегрнам во душата си, да ги стоплам со љубов измрзнатите им срца, да им кажам да не се карат, да не се судат, да не си пакостат. Да се љубат и да не одат по турски судилишта, сами братски да си ги решаваат споровите. Да не им робуваат на беговите. Со раширени раце да ги пречекуваат јунаците што оставиле сѐ за да дојдат при нив, да им дадат поткрепа, за да отидат по сите села и градови и насекаде да го учат и проповедаат тоа.
Се колнеме не само да умираме – тоа е лесно, а да живееме и целиот си живот да го дадеме на тоа свето дело.“
Спомени и мисли за Гоце Делчев од Климент Шапкарев, 1934 г.
Кога Даме Груев ги посветувал Овчеполци во тајните на Организацијата
„Си спомнувам како мојот кум Ване Поп Ефремов ми е го опишувал организирањето на село Неманици во Овче Поле, лично од Дамјан Груев. Големиот апостол, како учител во Штип, го посетил селото заедно со Поп Ефремов, кој е еден од првите посветени во револуционерната мрежа на градот. Го извикале селскиот коџобашија – кметот, и Даме ја започнал беседата. Кметот најпрвин не сакал ни да чуе за некаква тајна работа против турската царштина. Но, Груев со сериозен тон и одлучни зборови, за коишто бил мајстор, влијаел врз духот и сознанието на селанинот. Часовите минувале, поминала и полноќ, петлите запеале взори и разговорот не завршувал. Од умор ли беше, од убедување ли – кажуваше Поп Ефремов – кметот најсетне стана, ја подаде коравата си десница на Даме и извика: Е, биде, олан даскале! Да е честито! Тоа бил решителниот момент за Неманици, село што столетија дотогаш ја трпело турската власт. Понатаму тоа село стана едно од најпреданите и борбени села на ВМРО и даде голем број нелегални четници…“
Од спомените на Иван Михајлов
Гоце Делчев за Турците во Овче Поле пред 120 години
„…им предложив да отидеме со Гоце на Велигден во Кукуш. На Велики четврток тргнавме за Кукуш со коњи, по патот преку Овче Поле за Велес. Пред да слеземе во Овче Поле на височината еден стар Турчин имаше изградено некаква колипка од кал и слама за да им подава вода на изморените и жедни патници, кои ако посакаа ги честеше и со кафе, за што добиваше по 10-20 пари. Во почетокот на Овче Поле минавме крај едно турско село, кое ни направи впечаток со својата мизерија – распарталено население, валкани дворови, куќи – колиби од кал и слама. А са господари – забележа Гоце и продолжи. – Кажи ми, кажи, беден народе, кој те лула во таа ропска лулка? Дали мислиме дека тие бедни луѓе се во подобра положба од нас, и покрај тоа што се Турци? Напротив. Сигурно и меѓу нив има некоја пијавица што ги цица, а тие си мислат дека Бог за казна им ги испраќа тешкотиите…Го поминавме Овче Поле, полно со безброј стада, и се доближивме кон Велес…“
Туше Делииванов – Спомени за Гоце Делчев
(продолжува)
м-р Никола Ристевски































