Надежта во оваа реалност е најлошото од сите зла што ни се случиле досега

Наместо само надеж, потребна е храбра акција. Потребна е акција, aктивен отпор затоа што моралната и политичката рамнодушност на деморализираните граѓани ќе продолжат да ја нормализираат деспотската моќ

Александар Солженицин, за падот на Советскиот Сојуз и владеење на тоталитаризмот ќе запише: „Ако… ако… Не ја сакавме доволно слободата. И уште повеќе – немавме свест за реалната состојба… затоа побрзавме да се потчиниме. Се потчинивме со задоволство… Ние едноставно заслуживме сѐ што се случи потоа.“
Не сакам да верувам дека го заслуживме ова што ни се случува денес. Дваесеттиот век покажа дека тоталитаризмот не е решение за ниеден проблем, туку општествена болест од најстрашниот вид. Затоа, ако сме доволно несреќни што живееме во општество во 21 век што отворено флертува со болеста на тоталитаризмот, не значи дека треба да се потчиниме, да се повлечеме, да побегнеме, да се пасивизираме. Точно, во време на период на општествен распад каде што довербата во јавните институции е целосно и неповратно изгубена, политичките злоупотреби и профитерство се надвор од каква било контрола, а медиумите „експлодираат“ под тежината на нивните сопствени коруптивни практики, оставени сме сами на себе да се справуваме со неизвесноста што ни ја носи иднината. Очигледно овој хаос и нестабилност се користат од страна на политичкиот естаблишмент со цел да се зголеми нивната контрола врз авторитарната моќ, што дополнително ја влошува пропаста на македонското општество. За оние што избрале да се компромитираат за да се вклопат во ваквото општество немам ништо друго, освен сожалување, но што со другите, кои сметаат дека не е здраво да се биде добро приспособен на длабоко болното општество. Оние што не сакат да се потчинат на контролата на суровите и изопачени умови на потенцијалните тоталитаристи. Или едноставно треба да продолжиме да учествуваме во таков систем на политичка, економска и ментална корупција што ни се случува со оваа власт?

Македонија веќе предолго е жртва на култот на пасивност, кој повлекува затапување на свеста за реалноста и несигурноста за она што нѐ чека во иднина и која е маскирна шема за одбивањето да се видат опасностите што ги носи времето во кое живееме со оваа анационална власт. Тиранската повелба не беше доволна, Преспанскиот договор исто така, за денес да стигнеме до Договорот за добрососедство со Бугарија, кој нѐ однесе во безначајност на сѐ што е градено во контекст на македонската државност и национален идентитет за да реагираме. Како народ и поединци плаќаме за последиците на промените и молчиме. Голем дел од нашето општество во основа е претворено во нем набљудувач, кој, како и во театарот, споделува возбуда и страв, но не смета дека треба да се вклучи и да влијае на промената на стандардниот модел на настани поврзани со дезинтеграцијата на македонското општество и држава. Не може да се избега од ваквата состојба со повлекување. Повлекувањето не прави ништо за да го спречи подемот на мекиот тоталитаризам во Македонија, затоа што промовира послушност, пасивност и апатија, сите особини што ги прават луѓето повеќе манипулирани и контролирани. Алтернативата на повлекувањето е физичкото бегство, кое значи преселување на место што нуди повеќе слобода. Точно, оваа форма на бегство има многу придобивки, бидејќи со оглед на тоа што имаме една шанса за живот, зошто да не живееме некаде без контрола на корумпираните и гладни за власт политичари и бирократи. Но бегството значи напуштање, признавање немоќ и пораз пред брзото размножување на тоталитаризмот во државава како предворје на нејзиниот распад.

Дали не ја разбравме цената на слободата? Дали имаме опција да излеземе од светот на лагите на оваа власт? Не е злосторство да престанеме да ја живееме лагата на власта. Мора да се пробие возвишената фасада на системот и да се разоткријат вистинските основи на нејзината моќ. Под уредната површина на „животот во лага“ денес, промената во Македонија мора да дојде од нас самите. Власта мора да ја почувствува, како што вели Вацлав Хавел, „моќта на немоќните“ зашто премногу долго уживаше во речиси апсолутен недостиг од ограничувања. Надежта во оваа реалност е најлошото од сите зла што ни се случиле досега затоа што ја продолжува агонијата на нашето пропаѓање. Наместо само надеж, потребна е храбра акција. Потребна е акција, aктивен отпор затоа што моралната и политичката рамнодушност на деморализираните граѓани ќе продолжи да ја нормализира деспотската моќ. Колку побрзо и колку повеќе луѓе дејствуваат пркосејќи им на потенцијалните тоталитаристи, толку се поголеми шансите за успех. Успехот не е загарантиран, а ризиците се големи, но тоа е многу подобра опција отколку само пасивно седење со надеж дека работите ќе се подобрат.

А тие од ден на ден стануваат сѐ полоши. Решението на Хавел од времето на тоталитаризмот ми се наметнува како можен почетен излез од безизлезот во кој сме втурнати како народ и држава: Арогантната моќ на државата и недостигот од индивидуална слобода ќе се надмине со она што тој го нарече „живеење во вистината“, што значи не само одбивање на секое учество во режимот на лагите, туку и отфрлање на секое лажно засолниште во комфорната зона на секојдневниот живот. Мора да сфатиме дека ниеден режим, па ни овој денес во Македонија не може да ве лиши од внатрешната слобода да правите морални избори низ кои ќе го канализирате растечкиот гнев и ќе научите да живеете во вистината. Ако власта е родена од нелегитимни средства и владее со лаги, мора да може да мотивира сила и отпор од немоќните. Само така е можен политички земјотрес што ќе ја протресе државата од корен и ќе значи нејзино ресетирање. Партиските соопштенија и молбите многу малку ќе помогнат за тоа.