Фото: Собрание

Интензивирањето на меѓупарламентарната соработка, размената на искуства и продолжувањето на швајцарската поддршка за реформските и демократските процеси во Северна Македонија биле во фокусот на разговорите за време на работната посета на собраниската делегација предводена од претседателот на Собранието Африм Гаши на Швајцарска Конфедерација, пренесе МИА.

Како што информираат од Собранието, за време на посетата во Берн, Гаши и парламентарната делегација оствариле средби со претседателот на Сојузниот парламент на Швајцарија, Пјер-Андре Паж, како и со раководството на Швајцарска агенција за развој и соработка (SDC).

На средбата со Паж било изразено заедничко задоволство од добрите и пријателски билатерални односи меѓу двете земји, како и подготвеност за нивно дополнително унапредување. Соговорниците ја нагласиле важноста од продлабочување на меѓупарламентарната соработка преку размена на искуства, идеи и добри практики, со цел јакнење на парламентарните капацитети и демократските процеси.

Гаши, како што се наведува во соопштението, ја истакнал значајната и континуирана поддршка што Швајцарија ѝ ја обезбедува на Македонија во реформските и евроинтегративните процеси.

Во рамки на посетата, делегацијата остварила средба и со раководството на SDC, на која присуствувале амбасадорот Кристијан Фрутигер и Северин Донет-Дескарт. На состанокот била потенцирана долгогодишната швајцарска поддршка за демократскиот развој, институционалното јакнење и реформските процеси во земјава.

Посебен акцент во разговорите бил ставен на Програма за парламентарна поддршка (PSP), имплементирана од НДИ, која била оценета како важен сегмент од стратешкото партнерство меѓу Собранието и Швајцарската Конфедерација.

Според Собранието, програмата има значаен придонес во развојот на Парламентарниот институт, јакнењето на административните и истражувачките капацитети, подобрувањето на транспарентноста и отчетноста, како и во процесите на дигитализација и модернизација на парламентарното работење.

Соговорниците ја потврдиле и заедничката подготвеност за понатамошно продлабочување на соработката и продолжување на партнерството во насока на зајакнување на демократските стандарди и институционалните капацитети.