Фото: Кабинет на министерот за европски прашања

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања Беким Сали учествуваше на Неформалниот состанок на министрите за европски прашања, кој се одржа во Никозија под претседателство на Кипар со Советот на Европската Унија, пренесе МИА.

Во рамки на сесијата посветена на проширувањето, Сали ја истакнал важноста од кредибилен, предвидлив и фер процес на проширување, темелен врз принципот на заслуги и основните вредности на Европска Унија.

Од Министерството за европски прашања информираат дека министерот оценил оти проширувањето денес претставува стратешка инвестиција во безбедноста, стабилноста и отпорноста на Европа. Според него, реформите во владеењето на правото, демократските институции и јавната администрација остануваат клучни предуслови за напредок во пристапниот процес.

Сали потенцирал дека Македонија останува целосно посветена на европската перспектива, спроведувањето на реформите и усогласувањето со европските политики и вредности.

Во своето обраќање, министерот нагласил дека постепената интеграција треба да биде механизам што ќе ја забрза конвергенцијата кон полноправно членство во ЕУ, а не негова замена. Притоа, ги издвоил придобивките од подлабоката интеграција во единствениот европски пазар, европските програми и финансиските инструменти поврзани со реформските процеси.