Мигрантите не само што продолжија нелегално да транзитираат по должината на балканската маршрута туку, во меѓувреме, толку ја разгранија што го доведоа до апсурд самото постоење на границите на овие простори. Паралелно со тоа, барем според најновите извештаи на организациите што се занимаваат со мигрантската проблематика, тие толку се „одомаќинија“ што сѐ помалку се потпираат на помош од овдешните шверцери на луѓе и корумпирани владини службеници, а сѐ повеќе сами ги организираат „турите“ и нелегалните кампови во кои на своите „сопатници“ на разни начини им ги наплатуваат услугите. Поедноставно речено, го презедоа бизнисот
Проблемот со бегалците и со илегалните мигранти, кој во последниот период предизвикува тензии на северот од Европа, како да го намали интересот за таканаречената балканска маршрута. Но тоа е само впечаток, бидејќи протокот на илегалните мигранти преку Балканот, во меѓувреме, не запира, а податоците на Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал, но и на други извори, и понатаму укажуваат на македонската јужна граница како на една од најслабите точки.
Поради повеќеслојната криза во земјава, пропустите на институциите, но и поради проблемите со и во Европската Унија, во јавноста е присутна дилема околу можностите за контролирање на државните граници, особено што и според речиси вообичаената содржина на полициски извештаи, границите се мошне пропустливи. Иако обидите за илегални преминувања на границите на Македонија со соседните земји, според Министерството за внатрешни работи, во 2021 година бележат опаѓање за 36,5 отсто во однос на претходната, проблемот и понатаму е присутен, особено поради тоа што многу тешко е да се утврди бројот на илегалните преминувања што не биле забележани и спречени од страна на надлежните. По сето тоа, неминовно се наметнува прашањето како државата да го оствари правото на заштита на сопствените граници без притоа да ги наруши правата на илегалните мигранти. Тоа особено, поради, повеќе или помалку оправданите претпоставки дека меѓу неброените мигранти постојат и одредени групи или поединци што претставуваат и одредена безбедносна закана.
Самата Европа, чија привлечна моќ со години поттикнува различни категории илегални мигранти од сите делови на светот да тргнат на своите ризични патувања, неретко, повеќе или помалку свесно, претставувајќи и фактори на дестабилизација за земјите низ кои поминуваат, досега не успеала да осмисли хумана миграциска политика што би била во согласност со меѓународните закони, ниту пак да ги заштити своите надворешни граници. Откога, по големиот бран бегалци во 2015 година, во март 2016 година беше прославен „успехот“ на европската дипломатија поради постигнувањето на договорот со Турција, која се обврза дека ќе го ограничи протокот на мигрантите кон Грција, а со тоа и низ претходно воспоставената балканска маршрута и за тоа наплати шест милијарди евра како поддршка на речиси четири милиони сириски бегалци што веќе живееја на нејзината територија, тој, најбезболно речено, не го издржа тестот на времето. Мигрантите не само што продолжија нелегално да транзитираат по должината на балканската маршрута туку, во меѓувреме, толку ја разгранија што го доведоа до апсурд самото постоење на границите на овие простори. Паралелно со тоа, барем според најновите извештаи на организациите што се занимаваат со мигрантската проблематика, тие толку се „одомаќинија“ што сѐ помалку се потпираат на помош од овдешните шверцери на луѓе и корумпирани владини службеници, а сѐ повеќе сами ги организираат „турите“ и нелегалните кампови во кои на своите „сопатници“ на разни начини им ги наплатуваат услугите. Поедноставно речено, го презедоа бизнисот.
Зошто европските влади, кои се толку многу, а сакаме да веруваме и сосема оправдано, строги кон сопствените граѓани, и понатаму го толерираат неконтролираниот прилив на мигранти, одговор не би требало да се бара само во хуманитарниот аспект на приказната. Постојат за тоа и многу други, повеќе или помалку познати причини, но она со што сите тие резултираат се одредени ризици. Ризикот од пренесување зарази е само еден во низата
И сега, кога сето тоа ќе се спореди со воспоставените правила за прекугранично движење на граѓаните од овие простори, кои без потребните ковид-сертификати не смеат ниту да помислат да ги преминуваат границите, а камоли притоа да понесат со себе некоја тегла зимница или омилен домашен производ, без да се изложат на ризикот да бидат вратени назад или „ослободени“ од забранетиот багаж, се поставува прашањето кој тука претставува закана. Рестриктивните мерки, и тоа не само пандемиските, кои сѐ поинтензивно им се наметнуваат на европските граѓани наспроти речиси неограничената слобода на движење на мигрантите за кои речиси никој не води сметка што носат во себе и со себе, отвораат многу прашања, пред сѐ од здравствен, а потоа и од сите други аспекти.
Зошто европските влади, кои се толку многу, а сакаме да веруваме и сосема оправдано, строги кон сопствените граѓани, и понатаму го толерираат неконтролираниот прилив на мигранти, одговор не би требало да се бара само во хуманитарниот аспект на приказната. Постојат за тоа и многу други, повеќе или помалку познати причини, но она со што сите тие резултираат се одредени ризици. Ризикот од пренесување зарази е само еден во низата. Но би требало да биде доволен за да ги мобилизира распуштените европски сили заради изнаоѓање начин, ако не за запирање, тогаш барем за контролирање на огромната маса луѓе што и во услови на сѐ уште крајно непредвидливата пандемија, упорно пристигнуваат на овие простори. Или Европа, сепак, не знае како кризите да ги претвори во шанси за позитивни промени?