Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во пресрет на Бадник и Божиќ кои на 6 и 7 јануари ги собираат православните верници прво на домашна трпеза, а потоа ќе ги наполнат црквите во исчекување на радосната вест за раѓањето на Христос, г.г. Стефан, поглаварот на Македонската православна црква-Охридска Архиепископија испрати порака до верниците.

– Радосниот празник на Христовото рождество е спасоносниот ден во кој се помирија небото и земјата и денот кога Синот Божји, кој вечно се раѓа од отецот, се роди во времето. Денес се случила најголемата тајна на нашата побожност, предвечниот Бог „стана човек заради човекот“ и „ се вочовечи за човекот да се обожи“ – вели поглаварот.

Според него, смислата на Божиќното прославување е во радосната вест дека Бог од љубов се родил како човек во личноста на господ Исус Христос, за човековиот род и сите созданија благодатно да ги овековечи во својата црква. Затоа постојано да му благодариме на Бога преку верата, љубовта и надежта, со молитви и со добри дела, знаејќи дека само со Божја помош можеме да ги надминеме сите тешкотии и сите искушенија.

– На овој спасоносен ден да си спомнеме и за последниве тешки години, предизвикани од пандемијата, која покажа дека човекот е премал и немоќен да ѝ се спротивстави сам. Сите неприлики и на современото човештво доаѓаат од моралната криза, од неа се раѓаат сите недоразбирања меѓу народите и од неа произлегуваат сите проблеми со кои секојдневно се сретнува и ова наше поколение. И ако годинашниов Божиќ го дочекуваме загрижени за здравствената состојба во светот, и за последиците од неа, да не го заборавиме ветувањето на синот божји дека тој ќе биде со нас до крајот на светот, дека божјата љубов е над сите искушенија и дека неможното за луѓето е можно за бога. Честитајќи ви го Божиќ, на сите чеда на Македонската православна црква, овде во татковината и насекаде по светот, како и на сите луѓе со добра волја, ви посакуваме мир и изобилни дарови од новородениот богомладенец, поздравувајќи ве со радосниот поздрав Христос се роди – порача г.г. Стефан.