Две илјади дваесет и втора – има ли причини за оптимизам!

Но како што надежта е една од неопходните состојки на животот, новата година бара нов почеток, нов агол, пооптимистички поглед. И можат да се најдат причини за нов оптимизам во 2022 година, и тоа не една туку повеќе

Ако претходната година ја завршивме со прашање 2021 – има ли крај на разочараноста, како втора темна година по 2020 година, која сакавме да се оди и да не се повтори, како понатаму поинаку, понадежно, помотивирачки? Пандемија, геополитички тензии, Запад, Русија, Кина, Украина, Босна, економска криза, корупција без крај, човечки животи со ниска цена… низата е скоро бескрајна. Но како што надежта е една од неопходните состојки на животот, новата година, бара нов почеток, нов агол, пооптимистички поглед. И можат да се најдат причини за нов оптимизам во 2022 година, и тоа не една туку повеќе. Првата причина за оптимизам е можниот крај на пандемијата на коронавирусот. Уште во 2020 година, ми се чини „Економист“ предвидуваше крај на пандемијата во периодот април 2022 до април 2024 година во зависност од нивото на вакцинација. Тука напредокот е голем, не само поради тоа што веќе се применети над четири милијарди вакцини туку зашто пролетва ќе стигнат една милијарда вакцини за Африка. Со тоа може да се намалат разликите, нееднаквоста во пристапноста на вакцините во сиромашните земји, што е неопходно за запирање на пандемијата глобално. Но можеби самиот коронавирус ќе доведе до крај на пандемијата таква како што ја познаваме. Омикрон-варијантата, според водечки британски имунолог, покрај тоа што е високозаразна и многу, многу брзо се шири, сепак е доста поблага болест од претходните варијанти. Кај младите поминува како неколкудневна настинка, намален е бројот на случаи што завршуваат во болница, а од тие што завршуваат во болница малкумина се на кислородна поддршка и просечното лекување е скратено на три дена. Омикрон го потврдува тоа деновиве на почетокот на новата година.

Бројките на новозаразени летна во небо: во еден ден во Франција 270.000 лица, во Британија 220.000 лица (и одбива да воведе нови мерки) и во Грција 50.000 лица. Од Божиќ во Грција, 25 декември, има меѓу 20 и 40.000 новозаразени, а смртноста сѐ уште се движи во двонеделен просек од 60 до 80 лица дневно. Оттука е внимателниот оптимизам дека вакцинацијата и омикрон може да доведат до крај на пандемијата.
Што значи тоа за нас во Македонија? Грција има целосно вакцинирани 66 отсто од населението и многу построги мерки и контроли од Македонија, а сепак достигна 5.000 новозаразени на еден милион население. Кај нив врвот се случи со Божиќ, кај нас ќе биде со Нова година. Веројатно кај нас омикрон подоцна пристигна, што ќе го задоцни врвот кај нас можеби и по Водици, како настан со колективни собирања. Според бројките од Грција, нашиот врв би требало да биде околу 6-7.000 лица дневно, колку што моментов имаме тестирања. Тоа може да направи загуби, паника, но се чини ќе нѐ приближи кон крајот на пандемијата.
Втората причина за оптимизам е дека во 2022 година ќе има значајни пробиви во борбата против маларија и ХИВ/СИДА. Ова година ќе биде одобрена за употреба првата вакцина против маларија, а има и голем напредок во развојот на вакцина против ХИВ и „Модерна“ ќе започне со тестирање на мРНА-вакцина. Истата технологија, која доби поттик со корона-вакцинацијата, може да биде основа за развој на вакцина за туберколоза. Можеби на многумина во Македонија ова им е неважно, но мене лично ми е многу добра вест како некој што загубил пријател од маларија и има пријатели што поминале низ туберколоза и ХИВ. Но уште подобро е дека овие три болести, маларија, СИДА и туберколоза, се меѓу водечките причини за смрт во сиромашните земји, само од маларија умираат над 600.000 луѓе годишно.
Третата причина за оптимизам е пробивот во нова енергија.

На глобално ниво не е само големиот раст на обновлива енергија од сонце и ветер туку и новиот напредок во нуклеарна енергија, што дури и земјите скептици како Германија ги става во позиција на преиспитување. Сепак најдобро вест доаѓа од стартап на МИТ, кој собра над 2 милијарди долари за иновации во добивање енергија од фузија и објави дека има напредок во развој на доволно силни магнети неопходни за фузија. Тоа ќе биде енергетска револуција. Можеби поради пробивот на нова енергија, можеби поради намалена индустриска активност нивото на емисии на ЦО2 се намалени и се под врвот од 2018 година. Тоа може да биде добра вест дека можеме да се справиме и со климатските промени. И Македонија има шанса да фати приклучок со најавените три соларни централи.
Четврта причина за оптимизам е можната консолидација на ЕУ и економска и за безбедноста и за владеење на правото. Се чини дека се формира водечко трио од Германија, Франција и Италија што е спремно и за засилување и на економска и на политичка кохезија. Ова е независно од тоа дали ќе победи Макрон на претседателските избори во Франција или кандидатот на умерената десница. Првите чекори ќе бидат поттикнување на нови јавни вложувања и поддршка на чистите и нови индустрии, како продолжување на економскиот ковид-пакет, со нови ЕУ-мерки и дури со отворање опции за зголемување на јавниот долг и буџетските дефицити. Со новата влада во Германија, паралелно ќе јакне притисокот врз кршењата на владеењето на првото во Унгарија и во Полска, веројатно и во Бугарија, со поддршката на ЕУ да не ги исплаќа средствата од ковид-пакетот. И од економскиот напредок и од поддршката за владеење на правото Македонија ќе има огромна добивка.

И претходните четири причини даваат доволно оптимизам не само глобално туку и за Македонија. Петтата посебна причина за оптимизам е само за нас во Македонија, а тоа е оставката на Зоран Заев. Рано е за оцена дали оставката е знак на свесност дека политичкиот систем заснован на клиентелизам и корупција е потрошен, а доколку дај „ново дете“ е замајување, тоа нема да трае многу. И покрај контроверзиите за неговиот фаворизиран избор во СДСМ, верувам дека Димитар Ковачевски е искрен и посветен. Изборот за влада ќе покаже и колку е неговата моќ. Бидејќи за успех ќе му требаат министер за правда и јавен обвинител спремни за пресметка со корупцијата во врвот на пример како Гордан Калајџиев и Ленче Ристовска. И ќе му треба министер за транспорт и за економија, кои заедно со Фатмир Битиќи, како потпретседател на Владата ќе ги придвижат јавните вложувања, инфраструктурата, енергетиката и економијата. Но и да не се случи сето тоа заминувањето на Заев е добра вест, бидејќи почна да се топи контролата врз правосудството. Укинувањето на притвор на Јордан Камчев е добра вест и знак на тоа. Без разлика Јордан Камчев дали ви се допаѓа или не, притворот не смее да се користи како казна и неговата употреба мора да е ограничена.
Сите пет работи што влеваат оптимизам се резултат на проблеми и кризи, пандемијата го забрза пробивот во вакцинацијата, енергетската криза ги зголемува вложувањата во нови енергии и големата разочараност мора да остави простор за нов оптимизам!

***
Честит Божиќ! #2022

Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek