Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел денеска во Стразбур го прими Европскиот орден за заслуги, со кој Европскиот парламент ѝ оддаде признание за долгогодишниот ангажман и посветеност на Европската Унија, известува „Еуроњуз“.
Меркел е меѓу првите 20 добитници на ова одликување, воведено минатата година, а таа беше примена како „истакнат член“ на орденот, што претставува највисоко ниво на признанието. На свечената церемонија присуствуваше и поранешниот полски претседател Лех Валенса, додека украинскиот претседател Володимир Зеленски беше отсутен.
Во својот говор, Меркел предупреди дека современата демократија се наоѓа под притисок и повика на зачувување на демократијата, мирот и просперитетот како клучни ветувања кон граѓаните на ЕУ. Таа особено нагласи заканата од социјалните мрежи, каде што „фактите одеднаш престануваат да бидат факти“, што според неа го загрозува основното просветителско знаење.
За време на нејзиното раководење со Германија од 2005 до 2021 година, Меркел се стекна со епитетот „кризен менаџер на Европа“, а нејзиниот мандат беше обележан со Големата рецесија, еврокризата, бегалската криза во 2015 година, Брегзит и пандемијата на коронавирусот.
Според „Еуроњуз“, со наградата беа одликувани и поранешни лидери на земјите членки на ЕУ, челници на Европската централна банка и НАТО, како и истакнати личности од невладиниот сектор, спортот, религијата и музиката, меѓу кои и ирската рок-група U2.
– Европа не ни е дадена на подарок. Таа се градеше договор по договор, криза по криза, и тоа од луѓе кои избраа солидарност наместо поделби и соработка наместо личен интерес – истакна претседателката на ЕП. Роберта Мецола.
































