Воен рок: од хеликоптер-родителство до општествена отпорност
- Во оваа колумна ќе аргументирам од позиција на граѓанин што ја согледува социјалната реалност, но пред сè како професор по безбедност што ги анализира современите ризици. Целта ми е да објаснам зошто сметам дека воведувањето воен рок е суштински добро за државата и зошто тој концепт е многу повеќе од обична воена обука – тој е школа за државност
Во јавните расправи, за жал, често паѓаме во замката на површноста, каде што важните општествени теми се третираат како да се или–или избори: или сме за безбедност или сме за слобода; или градиме институции или градиме граѓани. Дебатата за воениот рок не е исклучок и речиси секогаш се поставува како судир на апсолути – или инвестираме исклучиво во скапа, мала и професионална армија или се враќаме на масовна задолжителна служба, која многумина сè уште ја поистоветуваат со губење време во застарени касарни.
Но воведувањето воен рок не мора и не смее да се гледа низ таква исклучива и бинарна перспектива. Напротив, најдобрите безбедносни системи денес докажуваат дека овие два концепта се дополнуваат – потребно ни е силно професионално јадро, но поддржано од широка база на обучени граѓани. Ако ова прашање се постави современо, праведно и со јасна цел, воениот рок престанува да биде само армиска обврска и станува клучна алатка за поширока политика на општествена подготвеност и кохезија.
Не треба да одиме далеку за да видиме дека ова не е наш изолиран изум, туку сериозен геополитички тренд диктиран од новата реалност. Сведоци сме на процеси што се случуваат во нашето најблиско опкружување: Србија и Хрватска веќе сериозно работат на враќање на рокот, сфаќајќи дека само професионалниот состав не може да одговори на долготрајни и сложени кризи. Во најразвиените европски демократии, како Германија, се водат интензивни дебати за реактивирање на регрутацијата како одговор на хибридните закани на континентот. Уште позначајно е искуството на земјите што со децении се синоним за стабилност, неутралност и висок животен стандард – Австрија, Швајцарија, па и скандинавските држави. Кај нив ова прашање никогаш не престанало да биде прашање на чест и обврска, бидејќи тие одамна ја научиле лекцијата дека мирот не се гарантира со пасивност, туку со силен систем на одвраќање преку масовна обученост на населението.
Затоа, во оваа колумна ќе аргументирам од позиција на граѓанин што ја согледува социјалната реалност, но пред сè како професор по безбедност што ги анализира современите ризици. Целта ми е да објаснам зошто сметам дека воведувањето воен рок е суштински добро за државата и зошто тој концепт е многу повеќе од обична воена обука – тој е школа за државност.
Пирамидата на Маслов и невидливата безбедност
За да ја илустрирам тежината на проблемот, ќе почнам со една намерно „лесна“ слика. Ако денес ја ревидираме познатата пирамида на човекови потреби на Абрахам Маслов, ќе забележиме интересна промена. Имено, на физиолошките потреби во првата линија – онаму каде што се храната, водата и сонот – во последните децении, половина на шега, половина на вистина, можеме да го додадеме и вифи-сигналот. Не како научна категорија, туку како социјална реалност што ја отсликува нашата апсолутна зависност од технологијата и дигиталната инфраструктура.
Сепак, она што често го забораваме е што доаѓа веднаш потоа. Во таа хиерархија, безбедноста останува цврсто на второто место, како штит што ги чува сите базични потреби. Таа е темелот врз кој се гради сè друго: економијата, образованието, секојдневието. Таа е како воздухот или тој фамозен интернет-сигнал – ја забележуваме и станува видлива дури тогаш кога ќе се наруши. Во услови на долготрајна зона на комфор, модерните општества развија опасна навика да ја земаат безбедноста здраво за готово. Ја третираме како гарантирана јавна услуга, слична на водовод или електрична енергија, сметајќи дека некој друг (државата, полицијата, војската) има ексклузивна обврска да ни ја испорача, додека ние остануваме само пасивни консументи.
Но реалноста на современото управување со ризици и управување со кризи нè учи поинаку. Кога ќе се случи некаков инфраструктурен или општествен шок – без разлика дали е предизвикан од екстремна временска непогода, прекин во енергетскиот систем или хибриден напад – илузијата за трајна сигурност се крши прекуноќ. Во тие моменти на шок, брзо сфаќаме дека безбедноста не е луксуз, туку елементарен предуслов за опстанок што најлесно се заборава кога го имаме. Затоа, враќањето на свеста за сопствената улога во одржувањето на таа безбедност преку концепти како воениот рок, всушност е враќање кон основите на нашето преживување како заедница. Ниту една држава нема доволно ресурси да заштити целосно пасивно население при посериозна криза.
Онтолошка безбедност: кои сме ние?
Одејќи чекор погоре во теоретскиот хоризонт, стигнуваме до слојот што се однесува на идентитетот, вредностите и нормите – она што нè врзува како општествена група. Во студиите за безбедност, особено низ призмата на реалниот конструктивизам, ова често се концептуализира преку поимот „онтолошка безбедност“: чувство дека знаеме кои сме, дека нашата колективна приказна има смисла и дека опкружувањето во кое дејствуваме е доверливо и стабилно. Без оваа базична сигурност во сопствениот идентитет, дури и најдобро опремените институции ја губат својата моќ.
Во рамките на овој теоретски концепт на поимање на безбедноста, ние постојано ги живееме оние судири, недоразбирања и различни погледи со соседите. На овој наш трусен балкански простор, каде што геополитичките интереси често се прекршуваат преку локалните наративи, историјата редовно се користи како алатка за притисок. Доколку некој смета дека не е така, му препорачувам да ја чита историјата внимателно и во детали. Верувајте, во однос на македонското прашање и нашата позиција во меѓународните односи, немаме различни мислења само со Грција или со Бугарија. Идентитетските предизвици се мноштво и доаѓаат во различни форми.
Кога овој континуитет се нарушува преку постојани оспорувања на наративи или симболи, се отвораат широки простори за несигурност и внатрешна поделеност. Токму тука воениот рок игра клучна, кохезивна улога во зајакнување на идентитетот. Тој не е само физичка подготовка, туку моќна социјализациска алатка. Поврзувањето со симболите – грбот, знамето, химната, воената единица – ако се практикува подолго време и ако е врзано за заеднички сеќавања и совладани предизвици со врсниците, со текот на времето станува длабоко идентитетско прашање што тешко може да се дестабилизира однадвор.
Тоа го гради оној подлабок елемент кај секој човек што влегува во систем многу поголем од неговото изолирано „ЈАС“. На некој начин, тој се „униформира“, но тоа не значи укинување на индивидуалноста, како што често се стравува во либералните дебати. Напротив, тоа е неопходно потсетување дека таа индивидуалност функционира и е долгорочно заштитена само во рамките на еден поширок јавен интерес: одбрана на државата и заштита на населението. Во ера на изразена општествена фрагментација, носењето на истата униформа не нè прави безлични роботи, туку сограѓани со заедничка цел.

Социјална интелигенција и еволутивниот код
Еден од најважните, а често занемарени аспекти на воениот рок е развојот на социјалната интелигенција и институционалната култура кај младите. Во критичната возраст – приближно од 19 до 25 години – се формираат навики, работни етики и морални компаси што подоцна стануваат стабилни модели на однесување за целиот живот. Во ера на дигитална изолација, каде што виртуелните светови го хранат хипериндивидуализмот и создаваат илузија на апсолутна самодоволност, еден ваков систем принудува на враќање кон базичната реалност. На овој начин директно се зголемува свеста дека, како индивидуи, мораме барем привремено да го намалиме сопственото „себедоживување“ (егото) за да опстанеме во реалниот свет.
Градејќи здрав однос кон хиерархијата и субординацијата, ние всушност не создаваме слепи послушници, туку градиме социјална интелигенција. Оваа способност за организација не е некаков вештачки воен конструкт, туку е длабоко впишана во еволутивниот код на хомо сапиенсот илјадници години наназад. Нашиот вид не преживеал во природата благодарение на индивидуалната физичка сила, туку исклучиво благодарение на способноста за сложена соработка, делегирање улоги и подредување кон заедничка цел – преживувањето на групата.
Обуката учи како се функционира во тим каде што сите алки се еднакво важни, како се извршува задача во ограничено време под стрес и, најважно, како се презема одговорност за оние покрај тебе. Тоа е основната „граматика“ на јавниот живот: точност, дисциплина, одложено задоволство и почит кон авторитет заснован на знаење. Кога генерациите ќе ја совладаат оваа базична „граматика“ на доверба во текот на обуката, тие подоцна несвесно ја пренесуваат во цивилните институции, болниците, училиштата и компаниите, правејќи го целото општество многу пофункционално.
продолжува
Проф. д-р Александар Иванов
































