Фото: ЕПА

Глобалната економија се соочува со сериозно забавување поради продолжените прекини во Ормускиот Tеснец, кои веќе речиси 100 дена го нарушуваат снабдувањето со нафта, природен гас и ѓубрива поради конфликтот меѓу САД, Израел и Иран.

Според економските анализи, вооружениот судир на Блискиот Исток создаде сериозни потреси на светските пазари, предизвикувајќи раст на цените на енергенсите, повисоки транспортни трошоци и дополнителен притисок врз глобалните синџири на снабдување, пишува „Анадолу“.

Ормускиот Tеснец, една од најважните светски енергетски рути, останува во голема мера блокиран, што влијае врз околу 20 проценти од светската трговија со нафта и течен природен гас, како и врз значителен дел од глобалната трговија со ѓубрива и суровини потребни за земјоделството.

Последиците веќе се чувствуваат на пазарите. Цената на суровата нафта Брент е околу 30 проценти повисока во споредба со периодот пред војната, додека европските цени на природниот гас се зголемени за околу 50 проценти. Во меѓувреме, трошоците за гориво во поморскиот транспорт пораснаа за речиси 60 проценти.

Поради нарушените трговски текови и поскапувањето на енергенсите, меѓународните организации ги ревидираат прогнозите за економски раст. Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) предупредува дека времетраењето на конфликтот ќе биде клучен фактор за глобалните економски перспективи.

Според поповолното сценарио, во случај на краткотрајни нарушувања, глобалниот раст би се намалил од 3,4 проценти во 2025 година на 2,8 проценти во 2026 година. Тоа би значело потенцијална загуба од најмалку 700 милијарди долари за светската економија.

Доколку кризата продолжи подолг период, ОЕЦД проценува дека глобалниот раст може да ослабне до 2,1 процент оваа година и само 1,8 проценти во 2027 година.

Дополнително, агенцијата „Фич рејтингс“ ја намали прогнозата за раст на светската економија во 2026 година на 2,4 проценти, наведувајќи ја енергетската криза како директна последица од конфликтот.

Негативните ефекти делумно се ублажуваат од силниот раст на инвестициите во технологии поврзани со вештачката интелигенција, кои ја поттикнуваат трговијата и извозот, особено во азиските економии.

Во меѓувреме, се очекува Ормускиот Tеснец да остане затворен најмалку до јули, што дополнително ќе ги зголеми притисоците врз енергетските пазари и глобалната трговија.

Според проценките на ОЕЦД, растот на светската трговија ќе забави од 5 проценти во 2025 година на 3,1 процент во 2026 година и 2,9 проценти во 2027 година.

Конференцијата на Обединетите нации за трговија и развој (УНКТАД) предупредува дека најтешко погодени ќе бидат земјите во развој кои зависат од увоз на нафта. Од 75 економии што се сметаат за особено ранливи, дури 65 се нето-увозници на нафта, со вкупно население од околу една милијарда луѓе.

Според УНКТАД, сегашниот раст на цените на енергенсите би можел да додаде повеќе од 20 милијарди долари годишно на сметките за увоз на овие земји, дополнително зголемувајќи го ризикот од сиромаштија, инфлација и економска нестабилност.