Слово за словата на архиепископот Стефан

Неодамна, во една угодна пригода во друштво со негови пријатели, Неговото блаженство архиепископот охридски и македонски и на Прва Јустинијанa, господин господин Стефан, митрополит скопски и поглавар на Македонската православна црква, ми ги подари петте тома книги со заеднички наслов „Слова за словото“. На речиси две илјади страници се поместени безмалку 300 проповеди, говори, посланија, празнични пораки и други видови обраќања до верниците на Македонската православна црква, а преку нив и до македонскиот народ, до Македонците во дијаспората и до граѓаните на Македонија. Треба веднаш да се каже дека не се тоа делови од црковни литургиски служби, туку „цивилни“ беседи што ги тангираат прашањата на верниците и атеистите од обичниот живот до државната и националната политика.

Младиот владика од Добрушево

Со дедо Стефан се познаваме уште од летото 1986 година, во просториите на Матицата на иселениците на Македонија. Беа поминати само неколку дена по неговата хиротонија за епископ и за митрополит на Злетовско-струмичката епархија, подоцна реорганизирана во Брегалничка. Пред мене видов едно стамено краткобрадесто момче, кое имаше само 32 години и кое владичкиот чин го имаше сфатено со сета сериозност и одговорност. Со длабок глас, но главно тих и смирен, ја претстави својата биографија, речиси непозната надвор од неговите црковни кругови. И како новинар и како главен уредник на весникот „Нова Македонија“ покажав љубопитност кој е, што е, од каде е, првите прашања во учебниците по новинарство.
Дознав дека пред замонашувањето го завршил Средното богословско училиште, а потоа и факултетот во Белград. Магистрирал на екуменско-патролошкиот институт „Свети Николај“ во Бари (Италија), по што станал предавач на Православниот богословски факултет во Скопје по предметите Свето писмо на Стариот завет и Патрологија. Патрологија (патристика) е учење на црковните отци во раното христијанство во Рим, Цариград, Александрија и Антиохија и развојот на христијанската мисла во тој период. Дознав дека е роден на 1 мај 1955 година во пелагониското село Добрушево, лоцирано во средина меѓу Прилеп и Битола, дека е шесто, последно дете во семејството и дека световното име му е Стојан Велјановски. Добрушево да ти било познато како попско село, кое дало околу 20 свештеници, а јас селото го знаев од младите години кога како голман на ФК Преспа од Ресен имам брането на селското игралиште во рамките на некој натпревар од Битолскиот потсојуз или за некаков куп, не се сеќавам.
Случајот сакаше да бидам сведок на неговото прво изречено слово по добивањето на владичката почест. Не беше тоа божја волја туку одлука на Претседателството на Матицата на иселениците на Македонија да ја претставувам Матицата на одбележувањето на Илинден во Торонто. Истовремено во посета на Канада беше и црковната делегација предводена од дедо Стефан, за кого беше планирано да ја преземе и Канадско-американската епархија. Беше сложен период за црквата, кратко време по загинувањето на архиепископот Ангелариј во сообраќајна несреќа на патот Прилеп – Градско. Во Синодот постоеја сериозни проблеми, недоразбирања и караници, особено околу статусот на горостасниот митрополит Кирил, жива легенда на тие прекуокеански простори. Таа атмосфера на збунетост, големи сомнежи и недоверба беше жестоко пренесена и меѓу македонските верници на северноамериканскиот континент, големи Кирилови приврзаници.

Словото во Торонто, Канада

Дедо Стефан, освен црковната утринска служба, на 2 август одржа слово во свечената сала во импозантниот храм „Свети Климент Охридски“ во Торонто. Да повторам, тоа беше негово прво проповедано слово во својство на митрополит. Мене до ден-денес ми остана во сеќавање неговата реторска асоцијација дека одбрал да се венча за Македонија. Сега, кога ја читам беседата повторно во целост, не можам да се оттргнам од впечатокот дека истата таа не изгубила ни капка актуелност и по поминати 35 години. Тогаш Македонија беше во составот на Југославија, владееше комунизам – социјализам, два фактора кон кои добар дел од дијаспората не гледаше со симпатии.
Што кажа тогаш дедо Стефан пред големиот број присутни, кои со интересирање и скепса очекуваа како ќе се претстави новиот владика, свештеник што сѐ уште не се сретнал со големи искушенија, како од настани така и од карактери на луѓе? Цитирам: „Еве, нашите мајки раѓаат синови, не само за радост на своите домашни огништа туку и за радост и гордост на македонското свето огниште. Подготвуваше руба за снаа и мајката на Гоце Делчев, но тој за невеста ја избра Македонија! Подготвуваше дарови и мајка ми, но јас избрав да ѝ служам на Божјата Црква и на Гоцевата Македонија, подготвен чесно да ѝ служам и животот да го дадам за нив, а не за тие да ми служат и да ми овозможат среќен и удобен живот. Оној што живее за македонското – патриотско дело не живее од него, туку повеќе од сѐ – живее за него. Така живееја и Ѓорѓија Пулевски и Димитрија Чуповски и Крсте Мисирков, како и Карев, Делчев, Сандански… Така живееја и светите браќа Кирил и Методиј, Свети Климент и Наум и сите нивни достојни следбеници. Можеа и поинаку ако беа вљубени во личниот живот“.
Во тој дел се надоврза со уште посилни пораки и рече: „Не плашете се од тоа што и во овој дваесетти век сѐ уште се атакува врз нашето македонско име, врз нашиот национален и црковен организам. Не заборавајте – нашите предци живееја во потешки времиња, но зачуваа и ни предадоа сѐ што наследија од своите претшественици. Ако и ние успееме во тоа, сме постигнале сѐ. А ќе успееме зашто знаеме кои сме и што сме. Знаеме дека не сме од вчера. Народ сме што во Европа, по еврејскиот, елинскиот и латинскиот, го дадовме и четвртиот јазик во културата на народите – старомакедонскиот“.

Тежок товар од непризнавање

Тринаесет години подоцна, во октомври 1999, на прагот од 2.000-годишнината од раѓањето на Исус Христос, дедо Стефан беше избран за архиепископ охридски и македонски и на Прва Јустинијана, вршејќи ја честа и митрополит скопски. Петти по ред поглавар на МПЦ по Доситеј, Ангелариј, Гаврил и Михаил. Во сите изминати години, Македонската православна црква, исто како и државата, е тема на дискусии, полемики, расправии, изложена е на напади од црковни институции од соседните земји и пошироко, кои настојуваат да го спречат и одолжат нејзиното влегување во семејството на рамноправните црковни организации во православието. Товарот што го носеа претходниците трикратно е потежок врз плеќите на сегашниот архиепископ, се разбира ако се земат предвид сите бури и вртолуми околу автентичноста на името, идентитетот и јазикот, факти што беа бетонирани во македонската национална свест.
Во словата, дедо Стефан наведува дека оттогаш до денес силни се обидите да се оспорат историските и канонски темели на целокупниот живот на црквата и самобитноста на македонската нација. Во притисоците, изолацијата и негирањето на нивното легитимно постоење е ангажиран голем дел од пропагандната и медиумска машинерија, и надвор и дома, која има цел да ги искривува и премолчува историските факти од минатото и од сегашноста, со намера да се доведат во прашање основните обележја на православниот македонски народ, неговиот црковен организам и неговата вистина, како народ што постои со векови, го чува православието да има самостојна, суверена и независна држава.

Архиепископот и политиката

Во секуларна држава каква што е Република Македонија, во која се одвоени религијата и државата, архиепископот не може да биде политичко лице што би се мешало во политиката. Од одредени кругови на дедо Стефан му се припишува(ше) блискост со ВМРО-ДПМНЕ, несомнено имајќи предвид дека е избран за поглавар во време на нивно владеење, иако од негова страна нема јавни манифестации за таква припадност. Но неговата висока верска позиција секако дека не исклучува да има свои мислења и убедувања за општите состојби во државата во која живеат неговите верници, особено за националните прашања, за идентитетот, јазикот и писмото на својот народ. Некои од пријателите или критичарите му забележуваат за преголемата внимателност во изборот на зборовите, а некои му сугерираат поголема активност во јавноста и повидлив ангажман на црквата во област како што се социјалата, образованието и слично. Дедо Стефан не е полемичар, неговата мисла е повеќе ангажирана со божјата промисла, одошто со секојдневни прашања, што и му личи на лице со таков божји чин. Но не бега од круцијалните, од оние што се од голема важност и значење.
Во тој контекст, а имајќи ги предвид непристојните барања од страна на властите на Република Бугарија, Светиот архијерејски синод на МПЦ – Охридска архиепископија, под раководство на поглаварот, апелира до надлежните државни фактори во преговарачкиот процес да се придржуваат до резолуцијата на Собранието и да не се отстапува од темелниот национален интерес и идентитет и да се разговара на реципроцитетна основа. Несомнено дека дедо Стефан има голем удел во иницирањето и оформувањето на искажаните ставови, дотолку повеќе што тој лично, претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, и со ректорот на универзитетот „Кирил и Методиј“ Никола Јанкуловски, се тројцата „заговорници“, главни иницијатори на собраниската резолуција, составена врз основа на нивниот заеднички меморандум. И таа резолуција еден ден сигурно ќе има сигнатура во големата архива на словата на архиепископот Стефан. Кога се препрочитуваат страниците од книгите, без трошка сомнеж може да се заклучи дека мојот ценет пријател дедо Стефан во сите години остана доследен на зборовите во своето прво одржано слово. И достоен чувар на своето православно стадо и на неговата автокефална црква.