ЕК го истражува спојувањето на две јужнокорејски бродоградилишта
Европската комисија ќе поведе темелна истрага околу спојувањето на водечките јужнокорејски бродоградители, групацијата „Хјундаи хеви индустрис холдинг“ и конкурентот „Даеву“ поради сомневање дека тоа би можело да ја загрози пазарната конкурентност во Европската Унија.
„Хјундаи“ на почетокот на годината го најави спојувањето со кое ќе настане најголемиот бродоградител во светот со пазарен удел од 21 отсто. Потегот е делумно мотивиран со прекумерните капацитети во бродоградбата. ЕК следната недела ќе поведе истрага во врска со тој договор, по прелиминарната анализа, која ќе биде заклучена на 17 декември.
Данска ќе гради вештачки острови опкружени со ветерни електроцентрали
Данска започнува со спроведување на планот за изградба на вештачки острови, кои ќе се напојуваат со струја од ветерните електроцентрали на море со вкупна снага од 10 гигавати, повеќе од доволно за снабдување на сите домаќинства.
Данска е матична земја на гигантот во производство на ветротурбини „Вестас“ и најголем светски производител на ветерни електроцентрали на море „Орстед“. Земјата неодамна усвои закон со кој цели кон смалување на емисијата на стакленички гасови за 70 отсто до 2030 година. Данска минатата година од енергијата на ветерот намируваше 41 отсто од своите потреби за струја, најмногу во Европа.
Со државни пари ќе се спасува италијанската челична индустрија
Италијанската влада ќе посегне во државната каса за да ја отклони заканата од затворање на произведувачот на челик „Илва“, изјави премиерот Џузепе Конте.
– Го довршуваме планот што предвидува, меѓу другото, интервенција во компаниите во државна сопственост – рече Конте во разговор за весникот „Кориере дела Сера“.
Премиерот се огласи на само еден ден пред големиот протест во Рим поради заканата на сопственикот на „Илва“, индиската компанија „Арчелор Митал“ дека ќе затвори речиси 5.000 работни места.
„Арчелор Митал“ ја презеде италијанската компанија лани, а минатиот месец најавија повлекување. Потоа порачаа дека сепак би можеле да ја задржат сопственоста ако биде прифатен нивниот план за укинување голем број работни места.