Фото: Пиксабеј

Во Велика Британија се отворени 104 писма, испратени пред повеќе од 250 години. Тие беа наменети за морнарите на францускиот воен брод „Галатеа“, кои никогаш не ги примија. Писмата никогаш не стигнале до адресатите бидејќи биле конфискувани од британската морнарица. Всушност, 265 години подоцна, тие беа случајно пронајдени во британскиот национален архив од истражувачот од Кембриџ, Рено Морие.
– Погледнав во кутијата само од љубопитност и ги најдов. Писмата беа во три купови врзани со лента, беа запечатени. Сфатив дека сум првиот човек што ги прочитал овие многу лични пораки откако се напишани. Лицата до кои требаше да стигнат не ја добија таа шанса. Беше многу емотивно – рече Морие.
Француската пошта ги испрати писмата до неколку воени пристаништа низ земјата за да се обидат да ги достават, но безуспешно.
„Галатеа“ пловел преку морето до Квебек, но на патот паднал во рацете на Британците. Затоа француските власти одлучија да ги испратат писмата во Англија, надевајќи се дека тие сепак ќе стигнат до адресатите, но таму ѝ беа предадени на морнарицата и повеќе од четвртина милениум лежеа заборавени во фиоки.
Морие ги бараше имињата и потеклото на сите 181 член на екипажот на францускиот брод и ги усогласи адресатите со пишувачите. Меѓу оние што залудно чекаа вести за своите најблиски беше и првиот поручник Луис Шамбрелан.
– Можам да ти пишувам цела ноќ. Јас сум твојата секогаш верна сопруга. Добра ноќ, драг мој пријателе. Полноќ е. Мислам дека е време за одмор – му напишала сопругата Мари Дубоск.
Никогаш повеќе не се виделе. Таа починала следната година, а тој се вратил во Франција неколку години подоцна и повторно се оженил, „Би-би-си“ ги сумираше наодите на Морие.
– Овие писма зборуваат за универзални човечки искуства и не се карактеристични за Франција или 18 век. Тие откриваат како сите се справуваме со големите животни предизвици. Кога сме одвоени од нашите најблиски поради настани што се надвор од наша контрола, како што се пандемии или војни, мора да дадеме сѐ од себе за да останеме во контакт, да се смируваме едни со други, да се грижиме за нашиот ближен и да ја одржуваме страста жива – рече Морие.
Писмата се напишани за време на седумгодишната војна, во која Франција и Велика Британија се бореа на морињата за колонијални поседи и превласт во поморската трговија. Војната заврши со Парискиот договор, кој конечно ја зацементира британската колонијална надмоќ и го означи падот на Франција.