Изложба на Томе Аџиевски во „Чифте-амам“

Голема изложба на авторот Томе Аџиевски, насловена „Уанс апон а тајм ин д ист“, се отвора вечерва, во 19.30 часот, во Националната галерија, објект „Чифте-амам“. Аџиевски е еден од исклучително важните уметници на т.н. средна генерација македонски современи уметници, кои се појавуваат во деветтата деценија (дипломира на Академијата за ликовни уметности во Загреб во 1983 година) и со својот младешко-бунтовнички карактер и желба за „револуционерни“ и брзи промени на уметноста кај нас влијае врз осовременување на македонскиот визуелен вокабулар како дел од македонската постмодерна.
– Контроверзен но моќен, раскошен но некогаш и оспоруван, Аџиевски отсекогаш со особена вештина создава дела што имаат исклучителни просторно-естетски специфики, но ангажираниот општествено-политички дискурс доминира како важен белег на неговиот уметнички темперамент. Се потпира на значајни моменти од историјата на уметноста на 20 век, кои како до ден-денес да се движат по некоја циклична траекторија, со пресвртни револуционерни мигови, кои доведуваат до смена на темпото, на разбирањето на уметноста и на нејзината улога и, секако, улогата на уметникот во социоопштествениот хабитус – велат од НГМ.
Најновиот творечки циклус на Аџиевски, „Уанс апон а тајм ин д ист“, претставува своевиден омаж на периодот на руската авангарда и нејзината уметничка револуција – како реакција на општествената револуција.
– Овој исклучително важен период од развојот на уметноста на минатиот век и историјата на уметноста генерално, преку неоавангардата, сѐ уште има реминисценции врз уметноста на современоста, т.е. уметноста што се создава денес, колку и навидум анахроно самата неоавангарда да се перципира. Аџиевски „презема“ некои од искуствата на руската прогресивна уметничка интелигенција, предностите на апстрактната уметност, на конструктивизмот, на метафизичката уметност, супрематизмот, на уметноста како теорија, неоавангардата од 1970-тите, постмодерната естетика, со цел да допре некои мошне акутни проблеми и денес. Преку ваквата визуелна предлошка, Аџиевски ја проблематизира и улогата на уметникот и уметноста од Источна Европа, каде што геополитички припаѓа и нашата земја, тенденциозно говорејќи за потреба од поголемо вреднување на источната традиција, а не слепо следење на западниот глобализам, на што сме сведоци веќе со децении. Сето тоа авторот го прави со една навидум „лесна“ и за него препознатлива визуелна матрица, употребувајќи користени и отпадни материјали или некои наменски снабдени за неговите скулптури, креирајќи просторно-формални конгломерации со трансгресивни и моќни скулпторски аспирации, кои го освојуваат просторот на амамот. Станува збор за мултимедијални дела што содржат лим, каширана хартија, пластика, метал, спирали од стари душеци, картони, туби, силикон, шипки, облека, мермер, јутени вреќи, каиши, пластични бардаци, текстил, дрвени плочи, асфалт, боја, катран итн. – вели кураторката Ана Франговска, виша кустоска во Националната галерија. Изложбата ќе трае до 29 ноември. С.Ј.