Големиот моден викенд во Скопје (FWSK) традиционално доаѓа во својот термин на почетокот на есента, што ќе значи уште едно надминување на конвенционалните граници на стилот. И за ова 27. издание продолжува тенденцијата организаторот да става акцент на темата што тој тим одамна ја лоцира како релевантна, а тоа е одржливоста под слоганот „Улогата на заедницата во свесен дизајн и мода“.
Од 28 до 30 септември, во комплексот „Урбан гарден“ во скопски Аеродром е предвидена тридневна екстраваганција со модни ревии, простор за работилници, уметност, проекции на филмови и ангажирани разговори, кои од интересен агол навлегуваат во актуелната тема за одржливоста во модното царство.
Напорот на „Моден викенд Скопје“ не е само да презентира туку да ја едуцира, инспирира и придвижува заедницата кон поодржлива иднина. Со нудење спој на модни ревии, експериментални колекции и необични простори за излагање, „Моден викенд“ има цел не само да ги истакне убавината и уметноста на дизајнот туку и да ја нагласи колективната одговорност на модната индустрија кон нашата планета. Овој настан е етаблиран повик за акција, потсетувајќи ги сите вклучени – од дизајнери до потрошувачи – на критичната улога што ја играат во обликувањето на иднината.
– „Моден викенд Скопје“ е повеќе од настан, тоа е движење. Тоа е покана да се нурнете во современата култура за модата, да ги разберете нејзините нијанси и да го славите нејзиниот потенцијал. Затоа, обележете ги вашите календари и бидете дел од ова револуционерно рандеву. Заедно можеме да замислиме и да обликуваме иднина каде што модата не е само сјај што заслепува туку прави и разлика – истакнуваат организаторите.
На 27-то издание на „Моден викенд Скопје“ свесниот дизајн зазема централно место, каде што трендовите се значајни, но во обликување на иднината.