Филмот „Домаќинство за почетници“, по сценарио и во режија на Горан Столевски, а во продукција на „Лист продукција“, го отвори 44-то издание на ИФФК „Браќа Манаки“.
Директор на фотографија e Наум Доксевски, добитник на наградата „мала камера 300“ на нашиот фестивал во 2018 година за краткиот филм „Види ја ти неа“, во режија на Горан Столевски. Ова е втор долгометражен филм на Доксевски, по неговото деби со наградуваниот филм „Сестри“.
„Домаќинство за почетници“ се занимава со универзалните вредности на семејството – она во кое сме се родиле и она што самите сме го избрале. Дита никогаш немала намера да биде мајка, но сега околностите ја присилуваат да ги згрижи малата немирна Миа и бунтовната тинејџерка Ванеса, ќерки на нејзината девојка. Гледаме битка помеѓу три своеглави жени, кои полека прераснуваат во семејство и ќе сторат сѐ за да останат заедно.
Во Битола, во текот на седум фестивалски дена, ќе се открива прекрасното непознато, онака како што браќата Манаки со камерата 300 почнале да го откриваат прекрасното непознато, кое може да се види и создаде само преку филмскиот објектив.
– Создавањето еден филм, едно уметничко дело, па и фестивал, секогаш започнува со скок во непознатото. Возбудлив, но и застрашувачки. За среќа, тој скок во непознатото најчесто резултира со едно прекрасно патување и завршува со резултат што им носи големо задоволство и на публиката и на создавачите на филмот. Затоа одново и одново скокаме во непознатото. Ова прекрасно непознато ќе ви биде во Битола седум фестивалски дена – истакна директорот на фестивалот Симеон Дамевски-Мони, човекот за кого потрагата по прекрасното непознато никогаш не престанува и кој заедно со својот тим го создаде филмскиот универзум наречен 44-то издание на фестивалот „Браќа Манаки“.
Тој подвлече дека фестивалот е место на слободната мисла на филмските уметници и големите мајстори на филмската фотографија.
– Фестивалот е домаќин на највисоки претставници на француското, британското, кинеското, австралиското, шпанското, корејското, германското, грчкото, српското, чилеанското и американското друштво на кинематографери. Ќе бидат прикажани 80 филма, ќе се одржат девет работилници и дваесетина различни настани, кои ќе го остават својот сопствен магичен печат на Битола – рече Дамевски.
По повод доделувањето на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, пред присутните говореше претседателот на ДФРМ, Игор Иванов-Изи, кој се осврна на битката на филмските работници за подобри услови за филм, подобар стандард на филмските работници и подостоинствен живот.

– Како обврска на нашата генерација останува конечно стандардизирање на буџетот за филм во рамките на државниот буџет и решавање на статусот на филмските работници. Секој ден сме поблиску до решение и, колку и да звучи невозможно, ќе се случи – рече Иванов, најавувајќи го секретарот на ДФРМ, Томи Салковски, кој ѝ ја врачи наградата на Лабина Митевска, годинашна лауреатка на признанието што го доделува ДФРМ.
Митевска истакна дека за да се создаде едно врвно дело, потребно е да ги сакаме нашите автори, да им овозможуваме да создаваат слободно, без цензура, и да постои континуитет во таа поддршка, бидејќи уметноста не е веќе привилегија, таа е потреба.
– Особено ми е значајно ова признание бидејќи доаѓа од мојата фела и што го добивам во овој град, во кој се вљубив пред многу години. Веќе триесет години работам во оваа фантастична професија. Да се создаде филм не е воопшто лесно, но продолжуваме и одиме понатаму. Македонија има многу нешта што може да ѝ ги понуди во светската кинематографија. Имаме одлични автори, добри приказни, имаме фантастични локации – кажа Митевска.
На годинашниот лауреат, кинематограферот Питер Бижу, наградата „златна камера 300“ за животен опус му ја врачи министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.

– Многу сум среќен што сум во Македонија и што го добивам ова прекрасно признание од фестивалот „Браќа Манаки“ – се заблагодари Бижу, чие појавување на сцената во Центарот за култура во Битола беше проследено со огромен аплауз од публиката, која на нозе го поздрави оскаровецот.
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на свечената церемонија зборуваше дека фестивалот „Браќа Манаки“ ги негува вредностите на врвната визуелна уметност и е чувар на споменот за љубопитните браќа Манаки, за кои дотогаш непознатото било голем предизвик.
Сценско-музички перформанс, режиран од Дејан Пројковски и инспириран од „The Wall – Pink Floyd“ го означи почетокот на фестивалот, како потсетник на кинематограферскиот потпис на оскаровецот Бижу, кој е зад камерата на истоимениот филм на славниот бенд.